Турција два пати ја предупредувала Франција за едниот од терористите
Турција два пати ја предупредувала Франција за еден од напаѓачите од атентатите во Париз - Омар Исмаил Мостефаи. Тоа се случило во декември 2014 година и во јуни оваа година.
Француските власти сепак не реагирале, изјавил за „Франс прес“ висок турски претставник, кој сакал да остане анонимен.
Мостефаи влегол во Турција од северозападната провинција Едрене, која се граничи со Грција и Бугарија, во 2013 година, но нема податоци дека ја напуштил земјата, додал уште највисокиот турски претставник. Според него француските власти се заинтересирале за Мостефаи по нападите од петокот вечерта.
Тој истакнува дека на 10 октомври 2014 година Турција добила од француските власти барање за информации за четворица осомничени за тероризам, но Мостефаи не бил помеѓу нив, иако е наведен од страна на Турција како потенцијална терористичка закана.
29-годишниот Мостефаи беше официјално идентификуван од француската полиција. Тој е идентификуван по отпечатоците, откако се разнесе во концертната сала „Батаклан“. Тој бил еден од тројцата напаѓачи, кои носеле појаси со експлозиви на местото каде што загинаа повеќето луѓе - 89 лица.
