Турција денес ќе прифати уште 150 мигранти од островот Лезбос
По паузата која траеше две недели денеска од грчкиот остров Лезбос кон Турција тргна нова група мигранти.
Согласно информациите од пристаништето во Мителини турски брод качил 45 Пакистанци, а до крајот на денот треба да бидат пренесени вкупно 150 лица, соопштуваат германски медиуми.
Десетици активисти демонстрираа несогласување со договорот помеѓу Брисел и Анкара, скокајќи во водите во знак на протест против враќањето на мигрантите.
Во меѓувреме, турските власти објавија дека ќе изградат три нови бегалски кампови за Сиријци во југоисточниот дел на Хатај и Кахраманмараш, пишува агенцијата Анадолија.
Во новите центри ќе има медицински центри, училишта, центри за рехабилитација и џамии, изјави шефот на Канцеларијата за бегалските кампови Ергун Туран.
