Турција бара САД да го уапсат имамот Ѓулен
Обвинителството од Истанбул испратило писмо до американските власти со барање за апсење на имамот Фетхулах Ѓулен.
Него турската Влада го обвинува за организирањето на обидот за државен удар на 15 јули, соопшти турскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен Турк, пренесува Ројтерс.
Турското Министерство за правда испратило до САД писмо во кое Ѓулен се наведува како организатор на обидот за преврат и кон него се упатени 10 различни обвиненија, како и за обид за соборување на Владата.
Турскиот премиер, Бинали Јилдирим денеска изјави дека потпретседателот на САД, Џо Бајден ќе направи официјална посета на земјата на 24 август. Додаде дека позицијата на САД во врска со барањето на Анкара за екстрадиција на Фетхулах Ѓулен е одобрена по обидот за државен удар во Турција на 15 јули и тие почнале да дејствуваат.
Турција побарала од САД „привремено апсење на Ѓулен, додека не биде доставено барање за екстрадиција“. Привремениот притвор е прифатен во меѓународната полициска пракса, мерка која може да ја побара земјата иницијатор на екстрадиција до конкретното упатување на барање за екстрадиција и решавање на формалностите за пренос на осомничениот.
Турските власти сметаат дека Ѓулен, кој живее од 1999 година во САД, и негови следбеници стојат зад обидот за преврат на 15 јули во Турција.
При обидот за преврат загинаа 246 луѓе, а над 2000 беа ранети.
