Турските компании се заинтересирани за Македонија, најавува претседателот на турскиот Парламент
Турските компании се заинтересирани за нови инвестиции во Македонија, вели претседателот на турскиот Парламент Џемил Чичек, кој денеска ја посети земјава.
Според него, компании од Турција биле заинтересирани за отворање и стопанисување со голема економска зона во Гевгелија. Турција ги поттикнува своите бизнисмени да ја зголемуваат економската и трговската размена со Македонија, вели Чичек, кој во посета доаѓа на покана на собранискиот спикер Трајко Вељаноски.
„Уверени сме во тоа дека таа трговска размена во најкраток можен рок ќе достигне една милијарда долари. Ние ги поттикнуваме нашите деловни луѓе да инвестираат и таа економска и трговска соработка да се развие уште повеќе“, нагласува Чичек.
Со Вељаноски разговараа и за политички прашања, за ситуацијата во Македонија, но и во регионот.
„Македонија е срцето на Балканот и чувањето на мирот и меѓусебното разбирање во регионот поминува низ мирот и стабилноста на Македонија. Затоа Турција ги поддржува напорите на Македонија за што поскоро членство во НАТО и во Европската унија“, рече Чичек.
Според Вељаноски, двете земји соработуваат и околу меѓународни прашања, како што е борбата против тероризмот, каде што Македонија и Турција разменуваат информации.
Слично
