Економија, финансии, бизнис

Контакт

Турски „Суташ“ со крупни бизнис планови во Македонија

Турски „Суташ“ со крупни бизнис планови во Македонија
Бројот на вработени речиси двојно ќе се зголеми, капацитетот на производство ќе порасне од 180 на 400 тони - ова се дел од амбициозните планови на турската млечна индустрија „Суташ“ во Македонија. Компанијата која пред две години ја купи пропадната млекарница „Сведмилк“ и повторно ги стартуваше погоните во скопски Илинден, сега има намера да отвори и фарма на површина од 40 хектари. Премиерот Никола Груевски, кој денеска ја посети млекарницата, вели дека „Суташ“ има изгледи да стане еден од најуспешните бизниси во Македонија. „Ние како Влада се имаме декларирано како Влада која што е пријателски насочена кон бизнисот и помага на сите кои сакаат да извршат проширувања и помага на сите кои што сакаат да отворат нови работни места, а ова е фабрика која што отвора нови работни места, не само овде, туку и кај сите нивни соработници. Така што ние стоиме на располагање“, рече Груевски. „Суташ“ во Македонија досега инвестираше 13 милиони евра, вработи 80 луѓе, а планира тој број да го зголеми на 150. Компанијата откупува млеко од 500 фармери, а планира и тоа значително да го зголеми во иднина. Млекото произведено во Македонија веќе го продава и на пазарите во Албанија и во Косово. На новата фарма од 40 хектари, „Суташ“ има намера да произведува околу 10 отсто од млекото што им е потребно за преработка, се планира и тренинг центар каде фармерите ќе се обучуваат за современо и поквалитетно производство на млеко, но и одгледување јуници.
Слично

Поврзани вести