Турски политичар обвини дека Грција е центар за обука на терористи
Tурскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу изјави дека Грција е центар за обука на терористи, а за грчките власти овие изјави се провокативни и немаат врска со вистината и реалноста.
Министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос вели дека цела Европа го знае тоа, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој рече дека „Турција продолжува да ги злоупотребува несреќните луѓе, нелегални мигранти, како што го стори тоа во март 2020 година, туркајќи ги, многупати насилно, кон нашите граници, кои се границите на Европа со Турција“.
Сојлу рекол дека Грција обучува членови на ПКК во Лаврио во близина на Атина, по што следеше и демантот од Теодорикакос.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис изјави дека оградата кај Еврос на границата со Турција ќе биде проширена за околу 80 километри. Кажа дека Турција не е земја во војна и дека 38 мигранти кои биле заглавени на мал остров кај реката Еврос не биле на грчка територија. Министерот изјави дека Турција не е земја која е во војна и дека хуманизмот според него е многу важен, но дека луѓето кои сакаат да дојдат во ЕУ поради нееднаквостите што постојат во светот се стотици милиони.
