Турската чистка стигна и до фудбалот
„Чистката“ по пропаднатиот обид за воен удар во Турција веќе го достигна и фудбалот во земјата. Сите претседатели и членови на одделни комисии на турскиот фудбалски сојуз (TFF) поднеле оставка, објави самиот Сојуз. Меѓу засегнатите се и дисциплинската, судиската и антидопинговата комисија.
Пред оставките бил даден почеток на „проверки за безбедност“, кои требало да докажат кои вработени имаат врски со движењето на проповедникот Фетуллах Гулен, кој е обвинет од властите како организатор на обидот за пуч, или пак дали не се поврзани со обидот за создавање на „паралелна држава“.
Познатиот спортски портал Sporx.com од Турција пренесе дека порано TFF ги повикал вработените да поднесат доброволно оставки, бидејќи самиот сојуз немал право да отпушта членови. Поради промените доаѓа до одложување на средбите од новата сезона, пишува уште порталот. За 13 август е закажана и средба за Суперкупот меѓу шампионот „Бешикташ“ и „Галатасарај“, а една недела подоцна требаше да започне Супер лигата.
Во друга изјава фудбалскиот сојуз вели дека проверките уште не се завршени. Само оставките на оние членови, за кои се докажани врски со Гулен, ќе бидат прифатени, а сите останати членови ќе ги задржат своите места.
