Економија, финансии, бизнис

Контакт

Туризмот како тивка дипломатија

Туризмот како тивка дипломатија

Живееме во регион што сè уште го носи товарот од минатото — факт кој, за жал, само ни го отежнува секојдневието. Во услови кога политиката сè почесто нè оддалечува едни од други, можеби токму културата и туризмот се оние точки што можат да нè обединат.

Туризмот е дејност која не познава граници, омраза ниту гнев. Тој ни покажува дека, кога ќе седнеме со некого на иста маса, брзо сфаќаме колку заеднички нешта имаме. За Македонија, туризмот не е само можност за промоција и економски просперитет, туку и алтернатива која создава простор за средби, за разговори без предрасуди и за нови искуства што ја надминуваат политичката реторика.

На стоматолозите во Гевгелија не им пречи дали пациентот доаѓа од Грција, исто како што на келнерите во охридските ресторани не им пречи ако гостите се од Бугарија, Србија или Албанија. Сè додека услугата е платена, а гостинот заминува задоволен, секој е добредојден. Напротив, туристите се пречекуваат со насмевка и гостопримство, со искрена желба повторно да се вратат.

Во тие секојдневни средби се рушат сите стереотипи поврзани со некои народи, туризмот нè учи дека „другиот“ не е закана, туку човек со слични грижи, соништа и надежи.

Без разлика дали станува збор за здравствен, гастрономски, културен, езерски или планински туризам, овие форми треба систематски да се развиваат, бидејќи претставуваат еден од најодржливите начини за остварување приходи. Посета на винарија во Тиквешијата, викенд во Крушево, прошетка низ старата чаршија во Скопје или бањски туризам во Катланово, сето тоа се мали, но значајни искуства што создаваат економска и човечка вредност.

Нашите погледи треба да бидат насочени кон иднината, кон прашањето како да си го подобриме квалитетот на живот. Наместо постојано да ги нагласуваме разликите, приоритет треба да им дадеме на работите што ни се заеднички и што нè поврзуваат со другите народи.

Од економски аспект, туризмот е една од нашите најреални шанси. Развиен туризам значи работа за мали семејни бизниси, можност за вработување на младите, оживување на руралните средини што не смеат да останат празни, затоа е важно присуство на туристи преку целата година, а не само во летните месеци.

Животот, всушност, е едноставен. Секој човек сака да живее убаво, да патува, да се опушти во ресторан, да сподели впечатоци и спомени од некоја дестинација, да ужива во малите нешта. Туризмот постојано нè потсетува на тие едноставни, но суштински убавини на животот.

Балканот има сè што му е потребно за да биде простор на зближување: планини што не познаваат граници, реки што течат низ повеќе земји, кујни што се разликуваат по финеси, но не и по душа. Наместо да ги користиме разликите како причина за поделба, можеме да ги претвориме во покана за посета, запознавање и почит.

Македонија е важно да биде отворена земја, зошто кога ќе бидеме отворени кон светот и меѓу себе, ќе сфатиме дека најсилната дипломатија не е онаа од говорниците, туку онаа што се случува меѓу луѓето, на улица, во ресторан, во домот на домаќинот.

Историјата не се менува секогаш со големи договори. Понекогаш се менува со едноставна вечера, со разговор без предрасуди, со сознанието дека животот навистина може да биде едноставен, ако му дозволиме да биде таков. Туризмот нема да ги реши сите проблеми, но е нашата шанса за зближување со соседите.

Пишува: Влатко Сулев

Слично

Поврзани вести