Економија, финансии, бизнис

Контакт

Турците помасовно одат на шопинг и одмор во Грција, но зошто обратното поретко се случува?

Турците помасовно одат на шопинг и одмор во Грција, но зошто обратното поретко се случува?

Туристите од Турција сè повеќе ја избираат Грција за одмор и шопинг, додека Грците одат во Турција сè поретко поради ненадејниот пораст на цените и трошоците за живот. Економските односи меѓу двете земји значително се променија во последните години, па туристичките текови исто така се свртеа во спротивна насока.

Порано голем број Грци одеа во Истанбул, Едрене и Кешан за евтин шопинг, а денес Турците масовно ги посетуваат грчките градови и острови бидејќи цените таму се пониски.

„Во Турција, основните животни потреби се евтини, но кога сакате да купите нешто поскапо, цените одеднаш скокаат. Затоа многумина одат во Грција, главно во Александрополис, Кавала или островите, на одмор, купувајќи храна и пијалоци, кои тука се многу скапи“, изјави Марија Диму од Истанбул за „Еуроњуз“.

Бројот на Турци што ја посетуваат Грција се зголеми трипати во последните четири години и минатата година надмина 1,5 милиони туристи. Од друга страна, бројот на Грци што ја посетуваат Турција остана стабилен и изнесува малку повеќе од 500.000 годишно.

Дорук, софтверски инженер од Анкара, вели дека Грција пријатно го изненадила.

„Минатиот месец бев во Кавала и Солун. Храната беше одлична, порциите беа големи, а сè беше евтино“, рече тој.

Грчките острови во Егејското Море станаа особено популарни меѓу Турците, до кои сега е полесно да се стигне благодарение на програмата „Виза експрес“. Станува збор за забрзан систем за издавање визи што им овозможува на турските граѓани да посетат 12 грчки острови за седум дена.

Според дипломатски извори, само грчкиот конзулат во Истанбул издава околу 1.300 визи дневно, објавува „Еуроњуз“.

Најпосетуваната дестинација минатата година беше островот Кос, благодарение на неговата близина до Бодрум, по што следуваат Родос и Хиос.

Во исто време, трговците во Истанбул забележуваат дека Грците повеќе не купуваат како порано.

„Порано имав многу повеќе грчки муштерии. Денес им е тешко дури и да стигнат до Турција, а камоли да пазаруваат“, рече продавачот Кантар Пехливаноглу.

Според официјалните податоци, просечниот Грк минатата година потрошил околу 340 евра по патување во Турција, но поради високите цени, денес може да купи многу помалку за тие пари отколку порано.

Турците трошеле во просек малку повеќе од 300 евра по патување во Грција, но многумина веруваат дека за тие пари добиваат многу подобар сооднос цена-квалитет.

„Денес е поевтино да се оди во Грција, да се јаде во таверна, да се пие узо, да се спие и да се врати отколку да се помине вечерта во слична таверна во Истанбул“, вели Диму.

Промени се видливи и во трговската размена меѓу двете земји. Увозот од Турција во Грција значително расте во последните години, додека грчкиот извоз во Турција се намалува.

foto Wikipedia/ CeeGee

Слично

Поврзани вести