Турција e против одлуката на Грција да истражува поле со јаглеводород јужно од Крит
Турција e против одлуката на Грција да истражува поле со јаглеводород јужно од Крит, соопшти Министерството за одбрана денеска, нарекувајќи го потегот на Атина повреда на турско-либискиот договор за поморските граници.
Конзорциум предводен од американскиот нафтен гигант Chevron потпиша договор во понеделникот за барање природен гас во длабокото море во четири блока, јужно од полуостровот Пелопонез и Крит, на површина од 47.000 квадратни метри.
Ова ќе ја удвои површината на грчките територијални води достапна за истражување на наоѓалишта на гас.
„Се спротивставуваме на оваа нелегална активност, која го крши Меморандумот за разбирање од 2019 година за поморска надлежност меѓу Либија и нашата земја“, објави турското Министерство за одбрана на неделната прес-конференција.
Според министерството, активноста нема директно да навлезе во континенталниот гребен на Турција, туку ја нарушува поморската јурисдикција на Либија, декларирана пред Обединетите нации на 27 мај 2025 година.
„Ќе продолжиме да им ја даваме на либиските власти потребната поддршка за да преземат чекори против овие еднострани и нелегални активности од страна на Грција“, нагласи турското министерство.
Турција и Либија потпишаа договор за границите во Средоземното Море во 2019 година, но Грција не го прифаќа, бидејќи го „игнорира“ Крит, кој се наоѓа помеѓу турскиот и либискиот брег.
foto freepik.com
