Турчинот Зараб со македонски пасош обвинет за криминал
Во истрага за прекршување на санкциите кон Иран, американското обвинителство открива дека e уапсен турски државјанин кој поседува и македонски пасош.
Во Мајами во март е уапсен Реза Зарабна возраст од 33 години, Турчин кој е роден во Иран. Се работи за прекршување на санкции кон Иран и неговиот случај е преземен од њујоршкото обвинителство кое одбило да го пушти Зараб со кауција за да се брани од слобода.
Обвинителот од Њујорк, Синг Барара изјавил дека судот не треба да го пушти од притвор Зараб затоа што тој лажел во истрагата и не им кажал на обвинителите дека има и македонски пасош како и ирански патна исправа.
Тој е познат како обвинет во најголемата турска корупциска афера од 2013 година, кога Ердоган ги обвини своите политички противници за корупција и смени над 3.000 полициски началници и судии.
Главен организатор на таа корупциска мрежа бил Зараб, бизнисмен во Турција. Турските власти го товареа дека преку Халкбанка добивал пари од продажба на иранско злато кршејќи ги меѓународните санкции. По една година притвор тој беше пуштен и замина во Америка. Американските власти го товарат дека има и македонски пасош и може да избега пред да заврши истрагата.
