ТТК банка ја зголеми добивката за 50 отсто во однос на лани
Најмалата банка има фантастично високо ниво на нето приход од провизии и надоместоци во структурата на нето приходи од камати и провизии. И тоа нејзината стратегија ја прави уникатна и успешна. Добивката е зголемена за 50 отсто во однос на лани, а тоа е пред се заради анулирањето на загубата поради оштетување на нефинансиски средства
Најмалата банка, чија акција котира на Официјалниот берзански пазар, има резултат за паметење. Во услови на силна конкуренција ТТК Банка, која е во групата на најмали деловни банки, има раст на профитот за 50 отсто во споредба со лани.
Имено, според официјалните податоци од објавените биланси оваа банка има профит од 1,5 милиони евра (пред оданочување) и тоа е за 500.000 евра евра повеќе од лани. Нето приходите од камати се 3,24 милиони евра и се за нијанса пониски од истиот период лани. Нето приходите од надоместоци и провизии се 1,66 милиони евра и во споредба со лани се повисоки за 173.400 евра. ТТК Банка во споредба со другите банки има пропорционално најголемо учество на нето приходите од надоместоци и провизии во вкупната структура на нето приходи од камати и провизии и надоместоци.
Клучен фактор за солидниот раст на профитот се намалените трошоци од загубата на поради оштетување на нефинансиски средства. Тие во првите девет месеци годинава се само 22.000 евра, а во истиот период лани биле 880.000 евра. Наспроти нив растеле двете најзначајни расходни ставки: трошоците за вработени кои изнесуваат 2 милиони евра за девет месеци и трошоците за резервации кои изнесуваат 950.000 евра или се повисоки за 18 отсто во однос на истиот период лани.
Кредитите на коминтети достигнале ниво од 81 милиони евра и се зголемени за 3,85 милиони евра во однос на крајот на 2018 година. Вложувањата во хартии од вредност се на ниво од 18,8 милиони евра и се за 3 милиони евра пониски од истиот период лани. Нивото на депозити надмина 115 милиони евра и тоа е за 4,4 милиони евра повеќе од нивото на крајот на 2018 година.
Р.Ф.
