Црвенковски: Зарем на сите веќе не им е јасно дека Македонија е земја на државна мафија!
Пред повеќе десетици илјади поддржувачи на Сојузот за иднината, вечерва од централниот митинг во Скопје лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски порача дека е време да се стави крај, на овој како што рече тоталитарен режим.Тој ја обвини владејачката коалиција дека Македонија ја претвориле во земја на криминалот и дека стечајците, невработените, пензионерите, бранителите, земјоделците и бизнисмените знаат колку тешко живеат и дека никој повеќе не може да ги лаже.
„Кога си опозиција со ваква тоталитарна власт, секој ваш подржувач вреди многу, затоа што знаеш дека не е купен или изнуден, чист е како солза, голем како планина. Минатата недела имаше и народ но и страв, користољубие, а вечерва е собрана храброста на Македонија. Ова со пари , Никола не може да се купи“, рече Црвенковски.
Црвенковски рече дека нема потреба да им објаснува на бизнисмените во каква ситуација се наоѓаат, кој им должи пари и дали својата политика ја користи за рекет врз бизнисот.
„Зарем на сите не им е јасно дека Македонија е земја на државна мафија под контрола на фамилијата, дека е земја на криминал. Кога гледам што ни прикажуваат на рекламите си велам, или сме ние за во болница, или се овие за во лудница. Што народ ќе бидеме ако дозволиме така ефтино да не лажат. Никој нека не го потценува македонскиот народ. Може овој народ многу да издржи, но знае и тешко да казни. Нема потешко од народната казна. За 5 минути, народот ќе им плати за сите заплашувања и понижувања во овие 7 години“.
Праша дали народот е подготвен за да ја водат битката не за тендери, фотељи и привилегии туку за иднината на народот и земјата. Рече дека отпорот продолжува и дека предвремените избори се реалност, а нив, вели Црвенковски ќе ги побара веќе на 24 ти март, кога ќе бидат обелоденети резултатите на локалните избори.
„И има да ги дадат не затоа што сакаат туку затоа што ќе мораат. Отпорот продолжува. Ако народот сака предвремени избори, мора да има избори. Народе македонски, победата е пред тебе, осмели се!“, рече Црвенковски.
На митингот на опозицијата се обратија и лидерите на останатите партии од Сојузот за иднината.
