Црвенковски: Што беше, беше. Доста е!
-Што беше, беше. Доста е! Се разгоре слободарскиот дух на овој народ против киндаперите на нашата држава. Триесет и четири дена ширум Македонија ечи, грми гласот на народот. Седум години ве трпевме и молчевме, живеевме со вашите уцени и заканување. Седум години нè прогонувавте, нè казнувавте како сакате и колку сакате, нè малтретиравте, нè понижувавте. Доста е! Седум години нè лажевте и нè манипулиравте. Нè третиравте како мали деца, како неписмени, како глувци за вашите медиумски експерименти, за гебелсовски пропанганди, за пиар шашми. Седум години гледавме како на најрасипнички начин ги трошите нашите народни пари. И за што? За поленење на вашите пералници на пари, за лечење на вашите комплекси и фрустрации. Живеачката станува секој ден сè потешка и потешка. А тие вечните студенти преку ноќ станаа новопечени богаташи, изнакупуваа хотели во странство - рече лидерот на Бранко Црвенковски СДСМ, на денешниот протест на опозицијата.
Според Црвенковски Македонија е држава во која се живее сиромашно, економијата тоне, и нема никаква перспектива на повидок.
- Овој народ молчеше и чекаше подорбо. Но подобро не дојде. Ова не е само реакција на црниот понеделник, тоа беше само капка што ја прелеа чашата, ова е соголување на тешката реалност во која живееме со оваа власт. По 7 години од нивната преродба Македонија е посиромашна, позадолжена и подалеку од евроатланските перспективи од кога било. Со нивната преродба Македонија е држава на криминал заштитуван од самата власт. Ова е земја во која е инсталиран партиско-полициски режим. Целата власт е сконцентрирана во една мала група околу него. Тие жарат, тие палат. Тие апсат, тие судат. Тие одлучуваат која фирма ќе опстане, која ќе пропадне, кој медиум ќе работи кој не. Сами по свој терек оценуваат кој е патриот а кој предавник. Како врви времето морков се помалку има, а стапот се повеќе работи. Овој протестен марш сакавме да зврши пред МВР, ама еве гледате, нè запреа многу подалеку, кордоните ги поставија тука. Туку ич не згрешија. Застанавме пред зградата во која живее наредбодателот Никола Груевски. Тој самиот лично и да нè види и да нè слушне, не неговите медиумски мегафони. И да нè брои и да нè изброи. Дозволете да му упатам еден повик: Излези Никола право на тераса и поздрави го народот што гласа. Излези Никола право на балкон да си го видиш црвениот картон. И разбери и сфати конечно дека овој народ денес во Скопје и ширум Македонија не се собира за ничија лична кариера, ниту за една партија. Ние ја немаме таа сила и таа моќ, се случува нешто позначајно и поважно. Ја препозна нашиот мудар народ вистината. Ако овој црн понеделник не помине неказнето, знае овој народ дека ќе има цели црни години за цели генерации - рече Црвенковски.
Тој порача тешко на таа власт која чека само полиција да ја држи на власт.
- И овие полицајци имаат свои семејства и свои деца и гледаат дека ова што ни се случува не е нормално и не може на арно да заврши. Ова што ни се случува е тест за тоа во каква држава ќе живееме, каква држава ќе имаме. Мене не ми треба никој да ми ја спасува кариерата. Јас својата кариера ја направив, но сакам да живеам во нормална држава. Оваа одлука може да ја донесе само оној кому му припаѓа оваа држава, а тоа е народот. Затоа ни се потребни фер избори. Народот да реши. На Македонија и се потребни избори. Историски избори за историска победа. Како ретко кога во мојот живот сум горд што припаѓам на ваков народ – рече Црвенковски.
Слично
