Економија, финансии, бизнис

Контакт

Црвен лав на жолт штит – нов државен симбол на Македонија?

Црвен лав на жолт штит – нов државен симбол на Македонија?
Владата синоќа го усвои предлогот за нов државен грб на Република Македонија. Идејното решение кое се предлага е црвен разгневен лав на жолт штит во форма на тврдина на горниот дел и тој наскоро треба да се најде пред Собраниeто. Промената се објаснува со потребата за враќање кон историските симболи на државата. „Сегашниот грб на Република Македонија е во целост дизајниран според грбот на Советскиот Сојуз, според кој беа дизајнирани и грбовите на сите Советски Републики. Задолжителните елементи на сонце, ѕвезда петокрака, житни класје поврзани со лента со народни мотиви, го симболизираа посветлото опшество на комунизмот до кое се доаѓа преку трудот на работничката класа и земјоделците“, стои во предлогот. Со мали измени актуелниот државен грб на Република Македонија бил во употреба од 1946 година. Лавот, пак, бил симбол на земскиот грб на Македонија. Македонија и Белорусија беа единствените земји во Европа кои користеа грб со советска хералдика, истакнува Владата. „Со тоа се цели да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата. Со донесување на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори“, се наведува во образложението. За да се усвои промената на еден од највисоките симболи на државата, потребно е 2/3 мнозинство и Бадентерово мнозинство. Неофицијално, за идејното решение бил постигнат коалициски договор за да се обезбеди потребното мнозинство. Токму неможноста да се обезбеди вакво мнозинство досега беше пречка за промена на државниот грб на Македонија, иако неколкупати токму лавот се споменуваше како најсериозно решение за нов симбол на државата. Последен пат беше направен обид пред пет години, во ноември 2009 година, кога на крајот измената заврши само со отстранување на ѕвездата петокрака од грбот, додека останатите симболи останаа исти. Новиот предлог за државен грб ќе помине и јавна расправа.
Слично

Поврзани вести