Црна Гора враќа 500 тони млеко
500 тони млеко контаминирано со афлатоксин ќе им вртати Црна Гора на земјите извознички, пред се на Србија, изјави помошник-директорот на Управата за инспекциски работи, Спасо Поповиќ за подгоричкиот весник „Дан“.
Поповиќ истакна дека од Србија се увезени 600 тони млеко, а се очекува дека ќе бидат вратени меѓу 400 и 500 тони, откако, како што тврди, анализите во центарот на екотоксиколошки испитувања покажале дека тоа е контаминирано.
- Сега треба да се средат документите, бидејќи постои процедура, кога производите се враќаат од нашата држава. Во овој случај изработена е царинската постапка, а млекото само треба да се врати на испорачателите. Ние веќе испративме допис до српската ветеринарна управа, со образложение, што се е неопходно за увозникот да ја врати стоката од Црна Гора, рече Поповиќ.
Во врска со домашното млеко Поповиќ изјави дека тоа нема да биде уништено, бидејќи нема залихи за кои е утврдено дека се неисправни.
