ЦИВИЛ: Да се помести датумот за избори, а Владата да поднесе оставка!
Центарот за слобода бара оставка на владата, поради неуспехот да го спроведе Договорот за надминување на политичката криза.
Од оваа институција, преку соопштение до јавноста бараат терминот за закажаните предвремени избори да се помести бидејќи како што посочуваат ни оддалеку не се создадени услови за одржување слободни избори на 5 јуни 2016 година.
„Одложувањето на терминот за избори мора да се искористи за низа итни чекори и мерки за создавање услови за слободни избори. Меѓу другото, потребни се дополнителни реформи на ДИК, односно нејзина професионализација. Понатаму, сè уште има простор за подобрување на Изборниот законик. Мора да се спроведе доследно чистење на Избирачкиот список. На Република Македонија ѝ се потребни итни и суштински зафати во судството, пред сè, во поглед на воспоставување и непречено функционирање на специјално одделение во Кривичниот суд кое ќе се занимава со предметите кои произлегуваат од работата на Специјалното јавно обвинителство. Воедно, мора да се создадат услови за ослободување на медиумите од партискиот диктат, но и администрацијата, стопанството и општеството во целост“, велат од ЦИВИЛ.
Оттаму истакнуваат дека период од три месеци е прекраток за сето тоа да се спроведе, но доколку постои вистинска политичка волја, но и владеење на правото, можно е да се спроведат мерки кои ќе ги гарантираат тие процеси и ќе им влеат доверба на граѓаните во изборниот процес.
Тие велат дека континуитет ги набљудуваат и анализираат состојбите во земјата веќе 15 месеци, критикувајќи ги партиите на власт дека само во последните 30 дена не манифестираа политичка волја и не презедоа активности за да го спроведат политичкиот договор, туку дополнително вложија енергија и јавни ресурси за да го осуетат неговото спроведување.
Највидливата последица за ЦИВИЛ од неуспехот на политичкиот договор се медиумите кои останаа под контрола на партиите на власт.
Од ЦИВИЛ укажуваат на опструкции во работата на СЈО, образложувајќи дека судството, вклучително и Уставниот суд, е под партиски диктат.
