Ципрас: Зајакнувањето на односите со Русија е стратешки избор за Грција
Премиерот на Грција Алексис Ципрас го нарече „стратешки избор“ зајакнувањето на односите на неговата земја со Русија, пренесоа светските агенции.
„Сакам уште еднаш да нагласам дека зајакнувањето на нашите врски со Русија е наш стратешки избор“, му рекол вчера Ципрас на рускиот претседател Владимир Путин според објавена стенографија од нивниот состанок.
„Имаме историски тесни религиозни и духовни врски. Пред нас стои можноста да се надополни економското партнерство, да ја зголемиме стабилноста во регионот и светот како целина“, изјави Ципрас.
„Сите признаваат дека иднината на европскиот континент е незамислива ако ЕУ се противи на Русија. Грција може да биде корисна токму во тоа што може да послужи како мост за соработка и пријателство“, додава тој.
Според него улогата на Грција во сите меѓународни организации е да помага „за мазнење на острите агли за да се најде основа за зближување меѓу ЕУ и Русија“.
По средбата која траеше три часа , Путин и Ципрас потпишаа договори за билатерална економска соработка, соопшти Франс прес. Ова е прва билатерална посета повеќе од една година на рускиот претседател во земја членка на ЕУ, кој треба да одлучи следниот месец дали да ги укине санкциите наметнати на Русија поради конфликтот во Украина.
Со наближувањето на моментот за одлучување Русија врши притисок за возврат, заканувајќи се да го продолжи до 2017 година ембаргото над земјоделски производи од ЕУ. Вчера германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер навести дека е можно да бидат подигнати постепено европските мерки, ако до крајот на јуни има напредок во примената на договорите од Минск за Украина.
