Ципрас побара од Груевски да се активира за името на Македонија
Грчкиот премиер Алексис Ципрас се сретна со премиерот Никола Груевски во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк а главна тема на разговорот бил спорот за името.
Двајцата разговарале за време на приемот, организиран од американскиот државен глава Барак Обама.
Ципрас побарал од Груевски да направи чекори за да реши прашањето со спорот за името. Средбата е прва меѓу двајцата лидери.
Сепак министрите за надворешни работи на двете земји Никола Попоски и Никос Кодзиас одржаа серија состаноци во текот на изминатата година.
Претходно странски дипломати изјавија дека спорот за името на Македонија брзо се претвори во голем проблем меѓу Грција и САД.
Проблемот произлегува од фактот дека САД го отфрлиле грчкото барање на средбата за насилството и екстремизмот во Њујорк Скопје да учествува под привремената референца ПЈРМ (која е призната од ОН). Според дипломатски извори, земјата била поканета како "Република Македонија" - име кое САД го признаваат во 2004 година, и покрај грчките поплаки.
Ова е втор пат, во кој американската влада го игнорира грчко барање. Во декември 2014 година ПЈРМ е идентификувана како "Република Македонија" во заедничкото соопштение за формирање на коалиција против таканаречената "Исламска држава".
Министерот за надворешни работи во тоа време, Евангелос Венизелос направил формална жалба до американскиот колега Џон Кери и одлучи да не учествува на самитот.
Прашањето е дополнително комплицирано од фактот дека Грција е поканета само како набљудувач, бидејќи не присуствувала на минатогодишната средба. Поради оваа причина Атина нема право да зборува или да поднесува жалби.
Останува нејасно дали Грција ќе присуствува на состанокот и кој ќе ја претставува.
