Ципрас: Нема да отстапиме пред неразумни барања на доверителите за пензиите
Грчкиот премиер Алексис Ципрас предупредил денеска дека нема да попушти пред „неразумните барања“ од страна на доверителите на Грција во момент кога претстојат преговори за промени во пензискиот систем.
„Доверителите треба да знаат дека ќе го почитуваме договорот, но тоа не значи дека ќе се повлечеме пред неразумните и неправедни барања“, изјавил тој во интервју објавено денеска во весникот „Риал њуз“.
„Не презедовме обврска да ги најдеме парите единствено од намалените пензии. Напротив, договорот (со доверителите) предвидува можност за еквивалентни мерки какви што веќе ги имаме активирано“, додал Ципрас.
Тој признава дека, сепак, пензискиот систем е „на работ на колапс“ и треба да биде реформиран.
Пред заканата Грција да ја напушти еврозоната на левата влада на Ципрас им беше принудено во јули да се откаже од изборните ветувања да не применува режим на штедење и усвои договор со доверителите на Грција, кој предвидува помош од 86 милијарди евра за три години за новите реформи во земјата.
Оттогаш кабинетот протурка во парламентот неколку непопуларни реформи што го намалија парламентарното мнозинство на владејачките пратеници.
Премиерот гледа со оптимизам кон 2016 година, кога според него „по шест години криза“ Грција „ќе се врати на раст, ќе стави крај на контролата над капиталот, ќе се намали долгот и ќе се врати на пазарите“.
Сонародниците сепак не го делат овој оптимизам, забележува „АФП“. Според податоците од анкетата, објавена денеска во весникот „Вима“, 55 отсто од Грците сметаат дека оваа година ситуацијата ќе се влоши, а 61 отсто се со мислење дека повторно ќе надвисне заканата Грција да ја напушти еврозоната.
Гувернерот на централната банка Јанис Стурнарас, предупреди дека ако Грција не се разбере со доверителите и не добие одобрение за економската програма на земјата може да се врати во позиција „потсетник на негативноти искуство од првата половина на 2015 година“. „Поради некои причини ЕУ во моментов е ранлив и не толку способен да се справи со нова грчка криза“, додал тој.
Ципрас изјавил дека се надева проценката од страна на доверителите да заврши до крајот на февруари, за да може страните да преминат кон дискусија за намалување на долгот.
Запрашан од „Риал њуз“ дали во Грција ќе биде формирана влада на широка коалициска основа, премиерот ја нарекол оваа хипотеза како „спиење во летна ноќ“. Тој уверува дека парламентарното мнозинство е доволно цврсто и Владата ќе остане на власт во наредните четири години. Според него, другите сценарија се лансираат од банкротираниот политички систем.
