Ципрас и Меркел – 7 часа разговори без резултат
Седум часа траела првата официјалната средба на грчкиот премиер Алексис Ципрас и германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. Двајцата разговарале до полноќ, но не ги промениле своите ставови по начинот за излез од грчката финансиска криза.
Главната цел на средбата е постигната - да се постави нов тон во една напната врска, соопштиле соговорниците и на двете страни. И двајцата лидери зборувале за својата посветеност на еврозоната и за „чувството на доверба“.
„Сакаме Грција да биде економски силна, сакаме да расте и пред се да ја надминат високата невработеност“, изјавила Меркел по средбата. Таа коментирала дека како една од 19-те земји во еврозоната Германија не е во позиција да одлучува дали грчката програма за реформи е соодветна или не. Затоа е воведена институционална рамка, која ќе го процени тоа, посочи Меркел.
На овој начин таа му возвратила на барањето на Ципрас Германија да влијае на Тројката во преговорите со Грција.
Меркел не ја промени својата позиција дека новата грчка влада треба да продолжи со реформите ако сака финансиска помош. Дотогаш, изјавила Меркел, нема да се преземат никакви нови обврски.
