Ципрас го губи влијанието во грчкиот кабинет и СИРИЗА
Поддршката кон грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговата сопствена партија почна да се топи. Пратениците од СИРИЗА веќе повикуваат на нов референдум во врска со плановите за штедење, а радикалното лево крило на владата најверојатно ќе одбие да гласа за евентуален нов спасувачки пакет.
Енергетскиот министер Панајотис Лафазанис јавно ги критикуваше планираните мерки за штедење од Алексис Ципрас.
„Ние не сакаме трета програма“, изјавил Лафазанис за агенција „Ројтерс“. Министерот нема да се согласи со новите реформи кои ги ограничуваат можностите за раст на земјата. Лафазанис е дел од радикалното лево крило на владејачката партија Сириза. Околу 30 од 149-те пратеници припаѓаат под него.
И пратеникот Јанис Михелогианакис се противи јавно против новите мерки за штедење. Тој, заедно со други пратеници, го повикуваат Ципрас да организира нов референдум.
„Ние треба да го конкретизираме прашањето - сакаат ли Грците новите мерки за штедење, или алтернативни решенија“, појаснил пратеникот за време на своето телевизиско учество.
Потсетуваме дека најдоцна до вечерва грчкиот кабинет треба да претстави нови предлози за гласање пред локалниот парламент.
Според „Kathimerini“ Грција планира пакет мерки за реформи во вредност од 12 милијарди евра во рок од две години, мерките во овој пакет се посурови од предлозите кои денес ќе ги претстават на доверителите во обид да се постигне договор со нив. Според медиумот строгите мерки станаа императив по затворањето на банките и воведените ограничувања на движењето на капиталот и особено по престанокот на преговорите со кредиторите.
Весникот тврди дека наместо првичната прогноза за раст од 0,5 отсто за оваа година, веќе се правеле проценки за рецесија од 3 отсто. Се смета дека ако ситуацијата во банкарскиот сектор не се нормализира, оваа рецесија може да е поголема.
Ова ја наметнува потребата од повеќе мерки, за да се постигне целта за примарен буџетски суфицит оваа година од 1 отсто од БДП, 2 отсто од БДП во 2016 година, 3 отсто од БДП во 2017 година и 3,5 отсто од БДП во 2018 година.
Од оваа гледна точка се проценува дека мерките во вредност од 8 милијарди евра, кои Грција ги има обезбедено пред доверителите за оваа и следната година, треба да бидат зголемени за околу 2 милијарди евра годишно, а со тоа вкупната вредност на овие мерки за двете години ќе изнесува 12 милијарди евра.
