Центарот на Скопје ќе добие барокно руво
Социјалдемократскиот сојуз обвини дека скопскиот градоначалник Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да донесат одлука за менување на фасадите на сите згради на улица Македонија, но и зградите во барокни на уште неколку улици во центарот во Скопје, што сметаат дека е„ огромно зголемување на опфатот”.
„Ова е болно. Ова е еднакво на лудост. До сега на менување на барокни фасади се потрошени над 10 милиони евра. Ова неколкукратно зголемување на опфатот, овие нови бројни згради кои треба да се „пресоблечат“ во барок, ќе значат нови околу 50 милиони евра за раскошот и луксузот на Никола Груевски и Трајановски “-Дамјан Манчевски, советник во Советот на Град Скопје од редовите на опозицискиот СДСМ.
Според образложението во добиените материјали од градот Скопје станува збор за реконструкција на фасадите во барок стил на објектите на улица Македонија, на улицата кај Рамстор, објектите по улицата кај МАНУ, пред МТВ како и објектите долж улицата кај Југодрво.
Инаку, денеска беше соопштено дека најавената јајцвидна концертна сала која требаше да се најди на местото на Универзална сала во Скопје сепак нема да се гради. Владата се повлече и се одлучи да „игра” на поевтина карта, па ќе се врши само реконструкција.
Причината да се одбере ова решение како што посочи министерката за култура Канческа Милевска е моменталната економска ситуација и економската неоправданост на проектот.
