Ценовна војна на повидок на гасниот пазар
Загриженост за нова војна на глобалниот пазар на гас се појави, откако стана јасно дека во овој месец почнува снабдувањето со природен гас меѓу САД и Литванија.
Аналитичарите прашуваат дали руската компанија Газпром нема да ја преземе истата стратегија како онаа на Саудиска Арабија на нафтениот пазар.
Намалувањето на цените на гасот е последното нешто што и треба Русија во моментов. Земјата веќе е погодена од ниските нафтени цени.
Аналитичарите сметаат дека таквата стратегија е економски рационална за "Газпром". Сегашните ниски цени на европскиот пазар на гас значат дека руската компанија може релативно лесно да ги намали цените до нивоа на кои увозот на течен гас од САД ќе излегува неповолен. Ова е начинот на кој гасниот гигант "Газпром" може да го брани својот удел на пазарот во регионот, од кој доаѓаат неговите најголеми добивки, пишува Фајненшл тајмс.
Ако испораките на природен гас од САД се значителни, "Газпром" ќе биде принудена да реагира. Таков пазарен потег може да доведе до последици за глобалните енергетски пазари. Ценовна војна на европскиот пазар на гас ќе влијае на сите останати региони и стоки - од австралискиот течен гас до колумбискиот јаглен. Истовремено пазарниот потег би се заканил на одржливост на индустријата на течниот гас во САД.
Според експертите, ако "Газпром" тргне на ценовна војна, таа ќе биде предводена од две главни цели. Компанијата ќе се стреми во краткорочна перспектива да ги запре испораките на американски течен гас на европскиот пазар, а долгорочно да престане со амбициите за нови инвестиции во проекти за терминал за течен гас.
