Цената на нафтата може да падне до 20 долари за барел
Брзото поскапување на доларот може да доведе до пад на нафтата од типот „Brent“ до 20 долари за барел, според „Morgan Stanley“, соопшти "Блумберг".
Нафтата може да се намали за 10 до 25%, ако доларот поскапе за 5%, велат аналитичарите на „Morgan Stanley“ во студија од 11 јануари. Глобалната презаситеност може да ги намали цените под 60 долари за барел, но разликата меѓу 35 и 55 долари главно се должи на доларот, според извештајот.
„Со оглед на континуираното поскапување на доларот,сценарија за цените од 20- 25 долари се можни само поради девизниот фактор“, пишуваат аналитичарите во извештајот. „Американскиот долар и нефундаментални фактори продолжуваат да ги движат цените на нафтата“.
Нафтата падна минатата недела поради нестабилноста на кинескиот пазар, откако земјата бараше начин да го стабилизира јуанот и берзата. Раст на американскиот долар со 3.2% - како што се претпоставува кај една можна девалвација на јуанот со 15%, може да ја потопи нафтата со 6 до 15 проценти, изјавиле од „Morgan Stanley“. Ако останатите валути исто реагираат, поевтинувањето може да е поголемо.
„Brent“ затвори на ниво 33.55 долари за барел на Лондонската „ICE Futures Europe“ во петокот - најниско од 2004. Падот продолжи во понеделник, кога суровината загуби 2,7% до 32.64 долари во 8:10 am во Лондон.
