АНАЛИТИЧКИ ПОГЛЕД: Цената на нафтата е директен удар врз Руската економија од страна на западот!
Во последните 8 години, најдолг период цената се двжеше на маргини од 100 us$. Највисока цена нафтата имаше во јули 2008 година кога достигна 148 us$ /барел, а најниска на почетокот од 2015 со цена од само 47 us$ /барел, анализира за Фактор, Митко Андреески енергетски консултант. Според Андреески, од ниската цена на нафтата губат земјите производители, а добиваат сите останати, вклучувајќи ја и Македонија.
Фактор: Падот на цените на суровата нафта доведе до тоа големите нафтени компании ги намалуваат трошоците поради што се откажуваат одредени проекти. А, светските нафтени компании најавуваат отпуштања на работници.
М.Андреески: Суровата нафта во изминативе 6 месеци има негативен тренд. Падот започнува во јули 2014 со цена од 105 us$ за барел до 48 us$ за барел, во првата недела од 2015 година. Со оваа цена е невозможно да се финансираат истражувачки активности за отворање на нови извори на нафта. Тоа само по себе на среден рок ќе создаде многу проблеми
Се работи за големите светски нафтени компании кои имаат сопствени наоѓалишта на нафта и проекти за идна експлоатација на нафтени области за кои допрва ќе треба да се вложат средства, логично е да се очекува дека ќе ги забават своите активности и логичнен след на тоа е да го намалат бројот на вработени. Исто се случува и со компаниите кои имаат сопствени рафинерии за преработка на нафта.
Кај нас освен Рафинеријата Окта (која не работи повеќе од 18 месеци) не се очекува отпуштање на работници, бидејки малопродажбата не е погодена од овој надолен тренд на цената на нафтата, напротив може да се очекува зголемување на продажбата на нафтени деривати.
Фактор: Какви се прогнозите за движењето на цената на нафтата?
М.Андреески: Има две дијаметрално спротивни прогнози. Едната е дека цената на нафтата ќе биде ниска цела 2015, а втората е дека цената на нафтата неможе подолг период да издржи вака ниско ниво.
Но, можеби сме сведоци на почеток на последната етапа од користењето на нафтата, бидејки се повеќе се преферираат возила кои ќе користат природен гас, хибридни и електрични двигатели.
Фактор: Која е причината што доведе до пад на цената на нафтата?
М.Андреески: Има повеќе причини, но јас ќе наведам две. Првата е дека западот со ова прави директен удар врз Руската економија и приходи во буџетот. И, втората е дека со
развојот на нови технологии и можноста да се произведува нафта во области кои досега не беа маркирани како богати со нафта, сериозно ги загрижи земјите кои се најголеми производители на нафта и со намалување на цената сакаат да го забават процесот на добивање на нафта од неконвенционални извори.
Фактор: Колку во сето ова има влијание политиката, за да се делува врз Русија?
М.Андреески: Дефинитивно дека ова врши сериозен удар врз Руската Федерација, сега по падот на цената на нафтата, според методологијата за утврдување на цени од Гаспром се очекува и драстичен пад на цената на природниот гас. Според мене, ова е поголем удар од санкциите на Западот кон Русија.
Фактор: А, колку имаат влијание новите технологиии?
М.Андреески: Новите технологии за добивање на природен гас и нафта, секако дека имаат значајна улога за зголемување на понудата, а со тоа и намалување на цената. Во наредниот период ако цената остане вака ниска, новите технологии ќе го забават својот развој.
Фактор: Првиот човек на руски Лукоил изјави дека е можно цената на нафтата да падне на 25 долари за барел?
М.Андреески: Кога тоа го вели генералниот директор на Лукоил, секако дека таа негова изјава мора да се прифати со огромно внимание. Еве и зошто; Лукоил има рафинерии за преработка на нафта во повеќе земји, и широко распространета мрежа на бензински станици ширум светот. Само во Соединетите Американски држави, Лукоил има повеќе од 2500 бензински станици. Сигурно дека неговите проценки се темелат на сериозни анализи, но лично сметам дека таа цена ќе им создаде многу проблеми на нафтените компании вклучително и на Лукоил.
Дозволете, сосема накусо да споделам со читателите неколку лични впечатоци кои сум ги добил од средбите со Вагит Алекперов. Иако непознат за македонската јавност, според мое мислење тој е најостроумниот стопанственик од Русија во областа нафта и нафтени деривати. Во 1996 создава компанија (од три нерентабилни рафинерии). Денес компанијата има повеќе од 350.000 вработени. Компанија која се занимава со сите сегменти, од истражување на подрачја со нафта, нејзино вадење, преработка, рафинирање до создавање на сопствен бренд и продажба во сопствени бензински станици.
Фактор: Саудискиот принц Ал Валед бин Талал, изјави дека цената на нафтата никогаш нема да се врати на 100 долари за барел, оти тоа ионака била вештачка цена.
М.Андреески: Не го делам истото мислење. Нафтата ја утврдува пазарот, т.е понудата и побарувачката, цената на доларот како и политичките и безбедносните состојби во светот. Само да се потсетиме пред две години санкциите врз Иран ја подигнаа цената на нафтата, исто така и војната во Либија.
Фактор: Што покажуваат податоците, како се движела цената на нафтата во изминатите неколку години. Кога е забележано највисоко, а кога нанјниско ниво?
М.Андреески: Во последните 8 години, најдолг период цената се двжеше на маргини од 100 us$. Највисока цена нафтата имаше во јули 2008 година кога достигна 148 us$ /барел, а најниска на почетокот од 2015 со цена од само 47 us$ /барел.
Фактор: Кој добива, а кој губи од оваа цена на нафтата?
М.Андреески: Губат земјите кои се најголеми производители, а добиваат сите останати. Вклучително и Македонија
Фактор: Дали Македонија треба да има регулиран пазар во однос на цените на нафтени деривати?
М.Андреески: Прво да дадеме одговор зошто Македонија има регулиран пазар!? Затоа што пред 16 години кога се продаде единствената Рафинерија во Републиката, такви беа условите во договорот за купопродажба, и второ, немавме доволно конкуренција при малопродажбата на нафтени деривати.
Од овие две точки, може да се заклучи дека на Македонија не и е потребен регулиран пазар за нафтени деривати.
Фактор: Што е подобра опција, пазарот да е либерализиран или регулиран?
М.Андреески: Ако имате монополска позиција на една компанија подобро е да имате регулиран пазар. Но, во РМ има доволна конкуренција да се либерализира пазарот.
Фактор: Како се формира цената на нафетните деривати во регионот?
М.Андреески: Во регионот цените се регулираат на слободен пазар. Секој продавач на нафтени деривати сам утврдува која ќе му биде цената. Можете сами да забележите кога патувате во Грција или Бугарија сите бензински станици имаат различна цена, што не е случај и во РМ.
Н.С.
Слично
