Царина откри фабрика во Чаир каде правеле фалсификувани обувки „Адидас“ и „Наик мејд“
Адидас и Наик мејд ин Чаир. Царината првпат од нејзиното постоење откри фабрика во која се произведуваат фалсификувани обувки од популарни трговски марки. Во подрумските простории во Чаир, во кои била сместена работилницата, затекнале повеќе машини и голема количина репроматеријали. Работниците биле повикувани повремено, вообичаено пред пазарни денови, а дневно за неколку часа изработувале по 20 пара патики, јави Телма.
Како што пренесе горе наведениот медиуми цитирајќи ја директорката на Царинската Управа Наташа Радеска-Крстевска при извршениот претрес се пронајдени 154 пара готови обувки со лого на познати трговски марки. Покрај готовите производи, откриени се обувки во фаза на изработка, како и голема количина репроматеријал за изработка на спортски обувки, како етикети, апликации, горништа, ѓонови, од кои би се произвела поголема количина обувки.
Директорката рекла дека фабриката ја откриле по претходно добиени разузнавачки информации а осомничените ќе добијат кривични пријави за повреда на права од индустриска сопственост.
Запленетите обувки како што пишува Телма или ќе се уништат или како што предвидува новото законско решение ќе се донираат во хуманитарни цели, откако претходно ќе им бидат отстранети сите обележја на познатите трговски марки.
Селмани пак на својот ФБ профил побара од Царинската управа да и кажат на јавноста во кој објект денеска открија работилница каде необластено се изработувале брендирани патики.
„Управата зборува за подрумски простории во општината Чаир. Јавноста има право да знае точно во чиј објект била сметстена работилницата. Ако Управата не сака да каже каде била сметстена работилницата, ќе не помачат малку и ќе откриеме. Јавноста има право да знае и ќе дознае!“, напиша Насер Селмани.
