Економија, финансии, бизнис

Контакт

Труењето продолжува и следната недела, што да направиме за да се намали загадувањето?

Труењето продолжува и следната недела, што да направиме за да се намали загадувањето?
Загаденоста на воздухот расте, дали мерките ќе дадат ефект? Загаденоста на воздухот расте, прогнозите за подобрување на состојбата не се оптимистички. Според последните податоци од Управата за хидрометеролошки работи, состојбата со лошите временски услови ќе биде иста и следната недела, а нема да има подобрување ниту на квалитетот на воздухот. Деновиве концентрацијата на канцерогените честици ПМ 10 достигнува и до рекордни 250 микрограми на метар кубен, а дозволената концентрација на овие честици во воздухот е 50 микрограми. Исто така драстично е зголемена и концентрацијата на штетните честици ПМ 2,5, за кои докторите велат дека се и поопасни по здравјето на луѓето од честиците ПМ10. Владата спроведе неколку мерки и препораки, но ефектите сеуште не се видливи. Дел од екологистите се скептични во однос на тоа дали мерките ќе ги дадат очекуваните резултати. - Мерките на Владата се пред се насочени кон заштита на вулнерабилните групи, како децата, бремените, и болните од астма. Ние препорачавме, покрај мерките на Владата да се искористат и мерките на СЗО кои пред неколку дена се огласија. А дел од нив се строги регулаторни мерки и стандарди за квалитет на водух, намалување на потрошувачката на енергија, особено на изворите на согорување, алтернативни извори на енергија во домаќинствата, менување на режимот на транспорт на возилата, како и други алтернативни начини на транспорт, вели Ненад Коциќ, претседател на еколошкото друштво Вила Зора. Ова еколошко друштво пред неколку дена понуди неколку мерки кои според нив надлежните треба да ги превземат за ублажување на алармантната состојба со загаденоста на воздухот. Еве дел од мерките: • Забрана на употребата на гуми, масло од автомобили и други токсични средства во лесната и тешката индустрија и редуцирана работа на индустриските капацитети; • Да се намали акцизата, а со тоа и цената на ТНГ(еко-плин) во месеците декември, јануари и февруари, со што ќе се стимулира употребата на овие релативно поеколошки горива во зимскиот период; • Да се намали цената на био-дизелот во истиот временски период, со зголемување на процентот од 8 на 20%; • Да се исклучат од сообраќај тешките возила кои не задоволуваат основните еколошки стандарди; • Да се забрани сечење дрва во градовите, освен ако не се стари и ако преставуваат опасност по околината. Скопје, Тетово и Кичево и понатаму на листата на најзагадени градови. Според екологистите загадувањето на воздухот овој период од годината е очекувано, но проблемот во Македонија е што не се превземаат сите мерки за да се намали загаденоста. -Огромен удел секако има немањето на гас за домаќинствата и индустријата, скапата електрична енергија, ненормалното уништување на шумите, сечата на дрвата во урбаните средини, користењето стари возиила кои не задоволуваат никакви стандарди. Значи, ако во просек во Македонија на секои 6,5 часа умира по еден човек од загаден воздух, состојбата е алармантна и непреземањето мерки од надлежните ги прави одговорни за состојбата во која се наоѓаме. Мерките треба да бидат насочени кон сите фактори кои погоре ги споменав како извор на загадување, за да имаме ефекти врз намалување на загадувањето, објаснува Коциќ. Надлежните прстот прво го вперија во гараѓаните, односно начинот на кој ги затоплуваат домовите, потоа сообраќајот, а на крај индустријата. На листата на најзагадени градови се Скопје, Тетово и Кичево. Особено алармантна е состојбата во главниот град. -Во Скопје има повеќе причини.Откажувањето на централното греење и пренасочувањето на употреба на дрвото како огревно средство, сечењето на дрвата во урбаните средини кои имаат природна функција да ги апсорбираат честичките од воздухот, сечата на дрвата на Водно и другата страна кај Китка(кои се белите дробови на Скопје). Луѓето одбираат да се греат на она што им е најекономично. Затоа треба да се создадат услови за поеколошките извори на енергија. Ако се намали цената на плинот за неколку денари во 3 месеци сигурно нема да се осиромаши државата, а многу луѓе ќе се преориентираат на ТНГ, вели Коциќ, Роковите за еколошки дозволи чукаат на врата на индустријата. До април следната година сите индустриски капацитети треба да ги имаат воведено еколошките дозволи. Владата најави дека ќе биде безмилосна кон оние што нема да ги испочитуваат роковите. Тоа значи, клуч на врата за фабриките што нема да ги воведат еколошките дозволи. -Оваа обврска е поставена пред компаниите уште во 2004 година, и за чие имплементирање компаниите имаа преоден период од речиси 10 години.Тоа претставува инвестирање и создавање на услови за долгорочен одржлив развој на компаниите но и заштита на животната средина, изјави неодмна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски. На терен според информациите од Министерството за животна срдина и просторно планирање само две од поголемите индустриски компании засега се при крај со воведување на еколошките дозволи и веќе до февруари следната година ќе ги добијат. Останатите или допрва почнуваат или воопшто не превземале никаков чекор. Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, пред неколку дена изјави дека е скпетик во однос на дел од поголемите индустриски компании од црната металургија, дека ќе успејат да ги запазат роковите. Компаниите кои се на чекор до добивање на дозволите велат дека постапката трае околу 6 до 7 години. - Постапката е долга, а ние вложивме над 36 милиони евра директни инвестиции во унапредување на процесите поврзани со заштита на животната средина. Инвестициите во имплементирање на А еколошката дозвола освен што се важни за унапредување на животната средина и нејзината заштита, се многу значајни и за економскиот развој на секоја компанија, изјави неодамна Борис Хрисафов извршен директор на Цементарница Усје. Дел од компаниите кои подоцна почнале со постапките се оптимисти дека ќе го испочитуваат рокот. -Ние ги почнавме подготовките, направен е изборот на опремата, се чека да се финализираат одредени финансиски детали. До крајот на годината очекуваме да го потпишеме договорот и да почнеме со подготвителните работи за реализација. По сите наши проценки еден најголем дел од проектот до април би го завршиле. Се ќе се направи да се запази рокот, но и ако има некои пролонгирање нема да биде од таков карактер со што би се нарушила одлуката и концептот кој го даде Владата, вели Александар Панов, директор на Макстил. Екологистите апелираат законите да се почитуваат. -За индустријата е јасно дека државата отсекогаш заштитнични настапува кон нив, но сметам дека е потрбно и за нив да се создадат услови за рентаболно работење, но и а се забраните употребата на штетни реагенси во својата работа. Мерките кои се предвидени со закон треба и мора да се почитуваат. Можеби нема да има идеална заштита на животната средина, но сигурно со имплементација на овие мерки ќе имаме далеку подобри услови за живот од овие денес, вели Коциќ. Дали големите индустриски компании ќе ги запазат роковите, дали некои ќе мора да ги згаснат погоните и крајно дали ќе имаат простор за пазарење со Владата, ќе биде познато во април 2014 година. Ј.С.
Слично

Поврзани вести