ТРПЕНИЕТО ИМ Е НА КРАЈ, РАБОТНИЦИТЕ ОД ЕУРОНИКЕЛ КАВАДАРЦИ ГО БЛОКИРАА ПАТОТ: Бараат исплаќање на платите и старт на производството
Работниците
од комбинатот за производство на никел, Еуроникел Кавадарци, поранешен ФЕНИ, денеска кај клучката Дреново го блокираа
патниот правец Градско - Прилеп
од 12:30 до 15:00 часот.
Обраќајќи се до редакцијата на Фактор, велат дека тие нивното трпение е сосема на крај.
-На работ е трпението на работниците од Еуроникел Кавадарци. Ставот е јасен. Исплата на заостанатите плати. Веднаш решавање на проблемот од засегнатите страни. И старт на производство. Еуроникел е егзистенција за илјадници дирекно и индиректно вклучени граѓани, велат во пораката испратена до Фактор.
Инаку, комбинатот се соочува со сериозни проблеми.
Македонскиот гигант за топење никелова руда „Еуроникел Индустрис“ поранешниот ФЕНИ е во крајно незавидна состојба и се соочува со банкрот. Крајно е неизвесна судбината на повеќе од 800 вработени од тиквешкиот регион, а не им е лесно и на бројни добавувачи, деловни партнери и фирми соработнички на оваа голема компанија.
Фактор пред десеттина дена објави дека сопственикот на Еуроникел соопшти дека комбинатот за производство на никел од Кавадарци е понуден на продажба во насока на барање на решение за решавање на кризата и дека акциите на Еуроникел се понудени за минимален износ на најголемиот доверител (банка), како и на Константинос Даскалакис и неговата група компании кои изразиле интерес да го купат производителот.
