Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трошокот за клучното раководство и Советот на Народната банка пораснал за 24,8 насто, просек нето плата по вработен изнесува околу 1.310 евра месечно

Трошокот за клучното раководство и Советот на Народната банка пораснал за 24,8 насто, просек нето плата по вработен изнесува околу 1.310 евра месечно

Во 2025 година, трошокот за платите на клучното раководство и надоместоците за членовите на Советот на Народната банка изнесувал околу 532,6 илјади евра (32.753.000 денари). Во 2024 година истиот трошок бил околу 426,7 илјади евра (26.239.000 денари). Тоа е раст од околу 105,9 илјади евра (6.514.000 денари), односно 24,8 на сто.

За оваа ставка е важна една јасна разлика. Извештајот дава збирен износ за клучното раководство и за членовите на Советот, па од него не може да се извлече точна поединечна плата на гувернерот. Сепак, ако сумата индикативно се распореди на деветте функции во Советот, просекот излегува околу 4.438 еврa месечно (272.942 денари) нето плата по функција во 2025, наспроти околу 3.500 евра месечно (218.658 денари) нето плата во 2024. Оваа бројка е корисна како ориентација за јавноста. Во пракса, извршното раководство веројатно е над овој просек, бидејќи во истиот фонд влегуваат и надоместоците за петте неизвршни членови.

Оваја опфаќа целата 2025 година, па во неа влегува и периодот кога гувернерка била Анита Ангеловска-Бежоска, до 27 мај 2025 година, како и периодот од 28 мај 2025 година, кога функцијата ја презел Трајко Славески. Според официјалните податоци на Народната банка, Славески е актуелен гувернер, а во раководството се и вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска.

Според Законот за Народната банка, Советот има девет члена: гувернер, тројца вицегувернери како извршни членови и пет неизвршни членови. Законот вели дека гувернерот и вицегувернерите се професионално ангажирани во Народната банка, за нив важат прописите од работните односи, гувернерот претседава со Советот и со Извршниот одбор и е задолжен за секојдневното работење на институцијата, а вицегувернерите се дел од извршното раководење.

Петте неизвршни, односно надворешни членови, не ја водат банката на дневна основа. Нивната улога е во одлучувањето, надзорот и контролата. Тие учествуваат во креирањето и усвојувањето на монетарната политика и политиката на девизниот курс, во донесувањето на политиките и подзаконските акти на Народната банка, како и во надзорот над нивното спроведување и над работењето на институцијата. Дополнително, Комитетот за ревизија е составен од тројца неизвршни членови и ја следи сметководствената политика, финансиското известување, внатрешната и надворешната ревизија, интерните контроли, управувањето со ризици и усогласеноста со прописите. За нив извештајот зборува за надоместоци, а не за класична плата од извршна функција.

Пошироката слика покажува дека растот не е само кај врвот. На крајот на 2025 година Народната банка имала 476 вработени, наспроти 459 во 2024. Вкупните расходи за вработените достигнале околу 12,42 милиони евра (763.996.000 денари), наспроти 11,01 милиони евра (677.174.000 денари) една година претходно. Само ставката „плати и персонален данок“ изнесувала околу 8,31 милиони евра (511.349.000 денари), што носи нето просек од околу 1.310евра (80.570денари) месечно по вработен, наспроти околу 1.233 евра (75.850 денари) во 2024 година.


- Филип Костов

Слично

Поврзани вести