ЖЕЖОК АСФАЛТ, ВИСОКА ПОТРОШУВАЧКА: Колку бензин и дизел горива арчат македонските граѓани?
И покрај високите цени на горивата кај дизелот просечниот дневен раст на потрошувачката лани во споредба со 2012 година изнесува 88 тони!
Македонската индустрија и граѓаните просечно дневно трошеле 1.082 тони дизел и 302,8 тони моторен бензин, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика за 2013 година (претходни податоци). Според статистичарите Македонците и нашата индустрија лани и покрај високите цени на нафтените деривати ја зголемиле потрошувачката на дизел и на моторен бензин во споредба со 2012 година. Порастот на национално ниво кај дизелот е за 8,9 отсто лани во споредба со 2012 година, а кај моторниот бензин конзумот порасна за речиси 5 отсто.
Најголеми потрошувачи на дизелот и на моторниот бензин се учесниците во патниот сообраќај. Кај потрошувачката на дизелот дури 80,2 отсто отпаѓа на потрошувачка во патниот сообраќај, а кај бензините тој износ е безмалку 100 отсто. Во 2012 година трендот бил сличен на ланскиот. Учесниците во патниот сообраќај потрошиле 80,7 отсто од целиот потрошен дизел, а 100 отсто од моторните бензини.
Лани Македонија потрошила 395.058 тони дизел. Од тоа учесниците во патниот сообраќај потрошиле 316.757 тони дизел. Во однос на 2012 година количеството потрошен дизел е зголемено за 32.284 тони, а дури 23.944 тони се зголемување на потрошувачката во патниот сообраќај. Од остатокот на зголемувањето на конзумот над 7.000 тони се во статистичката категорија „други сектори“. Зголемувањето на конзумот на дизел кај индустријата изнесува само 1.400 тони на годишно ниво при споредба на 2012 и на 2013 година. Финалната потрошувачка на дизел лани изнесувала просечно дневно 1.082 тони и во споредба со 2012 година бележи раст од 88 тони.
Кај моторните бензини речиси целосниот конзум го покрива патниот сообраќај во земјава. Лани потрошеното количество било 110.533 тони и во споредба со 2012 година бележи раст од 5.210 тони односно 4,9 отсто на годишно ниво. Просечната дневна потрошувачка на бензин лани била 302,8 тони и во споредба со 2012 година бележи раст од 13,7 тони моторен бензин, пресметале статистичарите од Државниот завод за статистика.
Р.Ф.
Слично
