Тројца банкари поделија 876.400 евра!!! Кои се тие?
„Комерцијална банка“ ја има својата најуспешна деловна година позади себе. Година во која профитот е најголем во историјата на банката и изнесува 29,4 милиони евра, предлог е исплата на бруто дивиденда од 550 денари. А за креаторите на овој резултат – тројцата членови на Управниот одбор предводени од Хари Костов банката издвоила 876.400 евра
„Комерцијална банка“ исплатила 876.400 на тројцата членови на Управниот одбор: Хари Костов, главен извршен директор и претседател на УО, Илија Илоски, главен оперативен директор и член на УО и Маја Стевкова – Штериева, главен финансов директор и член на УО, пишува во годишниот извештај на најголемата домашна банка за 2019 година, кој ќе се најде пред акционерите на претстојното акционерско собрание закажано за 2 април.
Врвното раководно трио на „Комерцијална банка“ добило 876.400 евра за плати, плати од деловна успешност, ногодишен надоместок и менаџерско осигурување, а во сумата се вклучени и стручното усовршување и систематските прегледи. Само за потсетување под водство на овој менаџерски тим во 2019 година „Комерцијална банка“ ја имаше најуспешната деловна година во својата корпоративна историја со профит од 29,4 милиони евра што е за 450.000 евра подобар резултат од претходната 2018 година.
По тој повод, како што веќе напишавме, акционерите ќе гласаат за предлог-одлука со која се предлага исплата на бруто дивиденда од 550 денари за секоја акција со право на глас.
Како беше во 2018 година лани и колку добија членовите на Управниот одбор на „Комерцијална банка“?
Хари Костов, Маја Стевкова Штериева и Илија Илоскисе членовите на Управниот одбор на „Комерцијална банка“ кои добија плати, надоместоци, награди, регрес, новогодишен надоместок и менаџерско осигурување во износ од 826.000 евра, објавено е во Годишниот извештај на таа банка за работењето во 2018 година.Според официјалните податоци вкупниот износ што го добиле тројцата членови на Управниот одбор се состои од фиксен дел и од варијабилен дел. Иако не е наведено многу е веројатно дека варијабилниот дел е награда за членовите на Управниот одбор односно бонус за исклучително успешната година на „Комерцијална банка“. Од добивката за 2018 година банката во дивиденда на своите акционери им подели над 15,5 милиони евра. Најуспешната деловна година „Комерцијална банка“ ја оствари лани под водство на триото Костов – Стевкова Штериева – Илоски.
Во годишниот извештај не е наведено поединечно колку заработил секој од членовите на Управниот одбор на најголемата банка поседувана од домашни акционери. Во извештајот е наведено дека овие три лица добиле 826.000 евра и дека вкупно 55 лица на раководни т.е. менаџерски позиции во банката добиле вкупно 2,5 милиони евра во плати и награди и други поволности за успешно работење. Ова значи дека другите 52 раководни лица ,откако ќе се одземат тројцата членови на Управниот одбор, добиле 1,679 милиони евра што секако дека е податок за респектирање.
Дали е ова во согласност со член 384 став 7 од ЗТД?
Без да коментираме, во интерес на целосно и објективно информирање го цитираме делот од став 7 од член 384 од ЗТД што ја уредува содржината на Годишниот извештај: „Во годишниот извештај на друштвото се објавуваат и примањата на секој извршен член на одборот на директори и на член на управниот одбор (плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувања и други права), односно надоместокот на неизвршните членови на одборот на директори и на членовите на надзорниот одбор.“
Нашето истражување покажа дека, за жал, ниту еден државен орган или институција нема изричита надлежност да го контролира спроведувањето на овој член од ЗТД што го остава во зоната на гола декларација...
Р.Ф.