Трите најголеми банки најавија намалување на надоместоците за платни услуги
Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за извршување платни услуги − најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за емисијата „Трилинг“.
Оваа најава, според гувернерот, следи по интензивниот дијалог што Народната банка го води со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и до подостапни услуги.
Централната банка неодамна направи промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС. Со воведувањето нови правила и со намалувањето на трошоците за користење на овој систем, со што банките ќе остваруваат значителни заштеди.
„Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците – нешто што веќе го гледаме како резултат“, изјави гувернерот Славески.
Тој посочи дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и делува и како партнер, со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.
„Разговараме со банките да одиме и чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, коишто преку вакви потези ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста“, изјави гувернерот Славески.
