„ТРИО НА НЕЕДНАКВОСТА“: Кои ќе бидат последиците?
Имаше сериозни разлики помеѓу учесниците во завршените неодамна годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), најмногу или највпечатлива од кои е за нееднаквост и континуираниот недостаток на официјален план за акција на владите, открива економистот Мохамед Ел-Ериан.
Ова претставува длабок неуспех на политиката, на која итно треба да се обрне внимание, препорачува економистот.
Постои добра причина за зголемување на интересот за ова прашање. Ножицата меѓу развиените и земјите во развој се отвора повеќе. Процесот се должи на комбинација од светски и структурни прашања - вклучувајќи ги променливиот карактер на технолошкиот напредок, инвестициските карактеристики, политичките системи.
Во развиениот свет проблемот се корени во невидена политичка поларизација, која спречува да се дадат исцрпни одговори и се става непотребно оптоварување на политиката на централните банки.
Иако монетарните власти уживаат поголема политичка автономија во споредба со други политички органи, тие ги немаат потребните алатки за ефикасно справување со предизвиците со кои се соочуваат нивните земји.
Во нормални времиња фискалната политика ќе ја поддржи монетарната политика, но времињата не се нормални. Политичката парализа го блокира вистинскиот фискален одговор и централните банки се принудуваат да ги поддржат економиите вештачки. Тие се потпираат на речиси нула каматни стапки и неконвенционални мерки, како квантитативни олеснувања, за стимулирање на растот и создавање на работни места.
Овој пристап не само што е несоодветен, туку и имплицитно ги фаворизира богатите кои поседуваат несразмерно поголем дел од финансиските средства. Во исто време, компаниите стануваат се поагресивни во нивните напори да ги намалат даночните сметки, вклучително и преку т.н. инверзии со кои тие ги преместуваат централите во поповолни даночни јурисдикции.
Како резултат на тоа, повеќето земји се соочуваат со триото на нееднаквоста - на приходите, богатството и можностите. Ако тоа не се промени, последиците ќе бидат исклучително сериозни, коментира Ел-Ериан.
Надвор од моралните, социјалните и политички последици ова трио крие и сериозен економски проблем: наместо да се создаваат поволности за напорна работа и иновации, нееднаквоста почнува да ја поткопува економската динамика, инвестициите, вработеноста и просперитетот.
Со оглед дека богатите домаќинства трошат помал дел од нивните приходи и богатство, поголемата нееднаквост се изразува во пониска вкупна потрошувачка, на тој начин се спречува обновата на економиите. Тие, пак, се веќе оптоварени од несоодветното агрегатната побарувачка, пишува економистот.
Високите нивоа на нееднаквост пречат и на структурните реформи неопходни за зголемување на продуктивноста, додека ги поткопуваат напорите за справување со остатоците од прекумерната задолженост. Тоа е опасна комбинација која ја еродира социјалната кохезија, политичката ефикасност, тековниот раст на БДП и идниот економски потенцијал.
Затоа е толку фрустрирачки дека и покрај зголемената свест за нееднаквоста, средбите на ММФ и СБ, кои собираат илјадници политичари, учесници од приватниот сектор, како и новинари, не успеаја да направат подоцнежно влијание врз политичката агенда.
Политичарите изгледаат убедени дека моментот не е погоден за значајна иницијатива за справување со нееднаквоста на приходите, богатството и можностите. Чекањето сепак само ќе го направи проблемот потежок за решавање. А може и треба да се преземат низа мерки за да го запре зголемувањето на нееднаквоста.
Во САД на пример со малку потрајна политичка решеност можат да се затворат празнините во законите за планирањето и наследување на имот, како и во даночниот систем за корпорациите и домаќинствата, која несразмерно ги фаворизира богатите.
Време е и зголеменото внимание кон глобалната нееднаквост да се материјализира во усогласени дејствија. Некои иницијативи ќе се справат директно со нееднаквоста, а други ќе смират некои од силите кои го движат, но ќе почне да се оди по долгиот пат кон ублажување на последиците од една сериозна пречка за економската и социјална благосостојба на сегашните и идните генерации.
K.K.
Слично
