ТРИЛАТЕРАЛЕН СОСТАНОК: Бугарија, Србија и Романија спремни да ги затворат границите
Премиерите на Бугарија, Србија и Романија се здружија околу заеднички иницијативи и решенија, кои ќe ги бранат националните интереси во врска со бегалците.
„Ние сме лојални партнери и добри соседи“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ. Тројцата се состанаа за да разговараат за миграциската криза.
Вучиќ рече дека Виктор Понта понудил помош за безбедност на српската граница. Тој истакна дека досега немало инциденти на бугарско-српската граница. „Заеднички ќе стражариме на границите ", додаде Вучиќ, цитиран од БГНЕС, пренесоа агенциите.
Нема да ги изложиме нашите земји на катастрофален притисок од милионите бегалци кои би дошле, изјави Бојко Борисов. Преку Грција и Македонија огромни бранови на бегалци одат кај нашите соседи во Србија. Проблемот со оградата кај Унгарија е што прават едни амортизери. И трите држави сме во готовност доколку Германија, Австрија и други земји ги затворат границите, нема да ги оставиме граѓаните да станат тампон зона, ќе имаме подготвеност на ист начин да ги затвориме нашите, изјави бугарскиот премиер.
Нашиот проблем и нашиот страв е дека нема стратешка крајна цел - до каде ќе стигне овој бран, каде овие бегалци ќе работат, како ќе бидат интегрирани, каде ќе бидат обучувани нивните деца, запраша Бојко Борисов.
Ние немаме право да ги изложиме нашите народи на овој притисок, па дури и да колабира цел систем, рече уште бугарскиот премиер. Тој инсистира да се поддржува договореното со Турција, да се задржат милионите бегалци на турска територија.
