Триесет отсто од медицинските ракавици ќе мора прво да бидат понудени на Владата
Економските оператори од вчера мора прво на Владата да и понудат на продажба 30 отсто од увозот на медицинските ракавици кои сакаат да ги пласираат на слободниот пазар откако владината уредба за интервентна набавка на овие заштитни средства е објавена во Службен весник.
Сите увозници на медицински ракавици за еднократна употреба речиси една третина од увозните количини се должни да ги понудат на Генералниот секретаријат на Владата. Маржата на цената може да биде најмногу до 10 отсто по сите давачки, а како доказ треба да се приложи царинска декларација.
Генералниот секретаријат во рок од еден ден од денот на приемот на понудата ќе го извести економскиот оператор дали ја прифаќа понудата и ќе достави нарачка со потребните количини. Истите ќе ги платат државните институции на кои им се потребни ракавиците во рок не подолг од 30 дена од денот на приемот.
