Три законски измени за квалитетен живот предлага опозицијата
Укинување на екстерното оценување, зголемување на минималната плата и поставување контрола во трошењето на пари на граѓаните - се трите закони кои денеска ги предложи пратеничката група на опозициската СДСМ.
Според оваа партија овие решенија значително ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и посочија дека ќе бараат веднаш да се усвојат.
„Со законот за изменување на Законот за основно образование, бараме укинување на екстерното тестирање. Овој т.н. проект на Владата наместо да го подобри квалитетот на образованието, драстично го влоши со што нанесе штети како на образовниот процес така и на учениците и наставниците.
Децата ни се изложени на непотребни стрес, страв, паника што влијаат на нивната емотивна состојба и може да остават последици во психолошкиот развој“, велат од СДСМ.
Кај измените на Законот за зголемување на минималната плата, СДСМ предлага да се зголеми постоечкиот износ од 9.590 денари на 11.000 денари при што ќе им се помогне на граѓаните со ниски примања.
„Целта е да се обезбеди повисок износ од минимална плата на сите работници во земјава, којашто работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа со полно работно време и исполнет нормиран учинок.
За да се подобри животниот стандард на ранливата група граѓани, со најмали плати, потребни се средства колку што вреди изградбата на Панорамското тркало во Вардар, така што не гледаме причина да не биде поддржан предлогот“, велат од СДСМ.
Велат дека ќе предложат и измени во Законот за буџетите оти граѓаните мора да знаат каде се трошат нивните пари.
