ТРИ ПРИЧИНИ ЗОШТО АНА БРНАБИЌ ПОВТОРНО ЌЕ БИДЕ ПРЕМИЕРКА НА СРБИЈА - ќе има прилика да го урне рекордот за времето на мандатот во поновата историја
Ново-старата премиерка Ана Брнабиќ ќе има можност да го собори рекордот за времето поминато како премиер во поновата историја во Србија, бидејќи доколку остане на таа функција до 2024 година, на чело на владата ќе биде седум години, повеќе дури и од поранешниот премиер Мирко Марјановиќ. Аналитичарите оценуваат дека Брнабиќ се уште е на чело на владата бидејќи е лојална на СНС, добро соработува со претседателот Александар Вучиќ и е искусна на оваа позиција во овие тешки времиња.
Кога стана премиер на 29 јуни 2017 година, малкумина можеа да претпостават дека Брнабиќ ќе остане на таа функција цели пет години во два мандата и дека ќе добие можност трет пат по ред да ја води владата.
Во меѓувреме, Брнабиќ од експерт и прв геј премиер во Србија прерасна во најверниот соработник на Вучиќ, поради што нејзиниот избор за нов-стар мандат не е изненадувачки за јавноста.
Откако Вучиќ ја пофали нејзината претходна работа на чело на владата, Брнабиќ не го криеше задоволството.
- Бев исклучително задоволна од зборовите на Александар Вучиќ. Кога некој како Вучиќ вели дека добро си ја вршиш работата, и дека нема што да се жали, тоа е најголемото признание за сиот труд, рече Брнабиќ.
Брнабиќ истакна дека и Владата зад себе има резултати, додавајќи дека Србија минала низ тешки времиња и дека и се чини дека успешно го управувала државниот брод.
- Кога ќе го погледнете времето на пандемијата и она што допрва доаѓа, мислите дека тоа било „мачкина кашлица“. Сакам без разлика на сите предизвици Србија да продолжи да напредува, да имаме континуирано зголемување на платите и пензиите, економијата да станува се поконкурентна - посочи Брнабиќ и додаде дека владата ќе биде формирана во септември.
Извршниот директор на ЦЕСИД, Бојан Клачар, за „Блиц“ посочува три причини зошто Брнабиќ и понатаму ќе биде на чело на владата.
- Прво, откако стана премиерка во 2017 година, Брнабиќ помина високи критериуми, ја докажа својата лојалност и стекна доверба во СНС. Второ, новиот мандатар ќе треба да се запознае со состојбите во овие тешки кризни времиња и поради тоа преовладуваше ставот дека сега нема потреба од експериментирање. Брнабиќ е запознаена со сите жешки теми од енергетиката и економијата. Вучиќ сигурно сакаше да игра на сигурно - оценува Клачар.
Како што вели, има и трета причина зошто Брнабиќ ќе биде ново-стар премиер.
-Таа причина не е доминантна како првите две, туку Брнабиќ е шеф на УО на СНС Белград. Тој сегмент е мирен сега откако е сменет Небојша Стефановиќ - нагласува Клачар.
Слично размислува и Предраг Лачмановиќ од агенцијата „Фактор плус“.
- Брнабиќ остана на премиерската позиција бидејќи во изминатите години добро се сложуваше со Вучиќ. За да дојде нов мандатар, потребна е добра причина за промената. Брнабиќ не направи особено лош потег откако е на чело на владата, иако не остана имуна ниту на општи политички игри. Да се донесе друг премиер само би било освежувачко - смета Лачмановиќ.
