Три предмети одземени од рацете на Катица Јанева
Специјалното јавно обвинителство е прогласено за ненадлежно за истрага на предметот „Маѓар Телеком” предметот за неовластено поседување оружје против Зоран Верушевски и предметот за „Производство и дистрибуција на детска порнографија“ против неговиот син.
Ваква одлука донесе денеска основното јавно обвинителство во Скопје, со образложение дека овие случаи не произлегуваат од прислушуваните материјали.
Во соопштението се наведува дека Основното јавно обвинителство Скопје побарало од Советот на обвинители да се произнесе за законитоста на барањето.
Од специјалното јавно обвинителство пак, велат дека тие одлучуваат за што се надлежни и кои предмети ќе ги земат.
„Предметите ги бараме на иницијатива на засегнатите странки, а во рок од осум дена ќе процениме дали сме надлежни по нив да постапуваме. Законот за СЈО е јасен дека ние ја правиме проценката на надлежноста и нема причина зошто предметите да не ни бидат дадени” - објаснуваат од СЈО.
Големата афера во „Маѓар телеком“ со поткуп на политичари во Црна Гора и Македонија, која до денеска нема завршница, ја покренаа два спорни договори од 2005 година откриени при редовна ревизија на работењето на компанијата, што резултираше со проширена интерна истрага.
Од тогаш случајот е без разрешница. Обвинителството на Марко Зврлевски минатата година отвори предистражна постапка „по допрен глас од јавноста“, откако во САД беше објавено сведочењето на бившиот разузнавач Слободан Богоевски пред судот во Њујорк каде што се води процес против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи.
