Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТРИ МИНИСТЕРСТВА ВО ПОТРАГА ПО НОВИ ЧЛЕНОВИ: се бараат референти, ИТ техничари, како и аналитичари

ТРИ МИНИСТЕРСТВА ВО ПОТРАГА ПО НОВИ ЧЛЕНОВИ: се бараат референти, ИТ техничари, како и аналитичари

Државните институции постојано се во потрага по нови кандидати за работа во некоја од институциите. Огласи со кои се бараат работници за некои од министерствата постојано има на веб страната на Агенцијата за администрација, а меѓу последните министерства кои бараат работници се Министерството за образование и наука, потоа за дигитална трансформација, но и за енергетика.

Имено, министерството за образование и наука објави три јавни огласи за вработување на државни службеници. Првата позиција е самостоен референт за високо образование во Одделението за високообразовна мрежа при Секторот за високо образование. Кандидатите треба да имаат високо образвоение со 180 или 240 кредити, или најмалку вишо или средно образование и најмалку три години работно искуство во струката. Избраниот кандидат ќе добива плата од 31.670 денари.

Втората позиција е соработник за подготовка на материјали и документи при буџетска координација во Одделението за буџетска координација при Секторот за финансиски прашања, со квалификации VI Б според Македонската рамка на квалификации, завршен VII/1 степен во економски науки и најмалку една година работно искуство. За оваа позиција се планира плата од 37.686 денари.

Третата позиција е советник за еквиваленција и нострификација на високо образование во Одделението за еквиваленција и нострификација при истиот сектор, со квалификации VI А или завршен VII/1 степен во општествени науки – право, економија и бизнис или образование и најмалку три години работно искуство. Избраниот кандидат ќе има повисока плата од претходните и ќе добива месечно по 40.818 денари.

Министерството за дигитална трансформација пак бара кандидати за две работни позиции. Првиот оглас се однесува на вработување на помлад соработник за податоци од областа на електронските комуникации во Одделението за електронски комуникации со информатички технологии при Секторот за комуникации. За оваа позиција се бара кандидат со квалификации VI Б според Македонската рамка на квалификации и најмалку 180 ЕКТС кредити или завршен VII/1 степен од областа на електроника, електротехника и информациско инженерство, при што работно искуство во струката не е задолжително.  Нето платата изнесува 35.744 денари.

Вториот оглас се однесува на виш соработник за аналитичко-студиски работи во Одделението за реализација на постапки за јавни набавки при Секторот за јавни набавки. Кандидатите треба да имаат завршено високо образование со најмалку 180 ЕКТС кредити или VII/1 степен, како и најмалку две години работно искуство во струката. За оваа позиција задолжително е и положен испит за лице за јавни набавки, а платата која ќе ја добива идниот вработен изнесува 38.627 денари.

За двете позиции се бара активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, како и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски или германски).

Што се однесува пак до Министерството за енергетика, таму се бара канидат за позицијата Референт за документациони работи за јавните набавки. Кандидатите треба да имаатвисоко или средно образование. Се бараат оние со високо образование да имаат 180 или 240 кредити. Но се бара и најмалку 1 година работно искуство во струката, како и активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски). За оваа позиција се нуди плата од 31.043 денари месечно.

Општи услови за сите кандидати се државјанство на Република Северна Македонија, активно користење на македонскиот јазик, полнолетност, општа здравствена способност и да не им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност со правосилна судска пресуда.

По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, НБРСМ, Собранието, Министерството за транспорт, како и Управата за јавни приходи - УЈП, Министерство за финансии, Генерален секретаријат на Владата на Македонија...

Фактор објави дека според новиот извештај на Агенцијата за администрација е забележан остар раст на одлуките за избор на нови примени административци во 2025 година. Бројот на избрани кандидати за една година е зголемен за неверојатни 132,62 отсто.

Инаку неодамна УЈП имаше нов оглас за вработување.

П.О.

Слично

Поврзани вести