Економија, финансии, бизнис

Контакт

Три години од трагедијата во „Рибникар“: Во 8:41 прекината ТВ-програмата низ Србија во чест на жртвите

Три години од трагедијата во „Рибникар“: Во 8:41 прекината ТВ-програмата низ Србија во чест на жртвите

Во Србија денеска се одбележуваат три години од масовното убиство во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, кога 13-годишен ученик со пиштол на својот татко уби девет ученици и училишен чувар, а рани уште неколку лица.

Во знак на сеќавање, точно во 8:41 часот – времето кога се случи нападот – телевизиите во Србија накратко го прекинаа програмот со порака: „3 и 4 мај – Денови на сеќавање на жртвите од масовни убиства. Паметиме“.

Трагедијата се случи на 3 мај 2023 година во училиштето кое напаѓачот го посетувал. Во нападот загинаа девет ученици и чуварот, а беа ранети и ученици и наставничка.

Од 2024 година, во Србија се организираат комеморативни активности, а годинава од 4 до 8 мај се одбележува „Недела на сеќавање и заедништво“. Во овој период, училиштата се насочени кон активности за почит кон жртвите, без редовно оценување на учениците, по препорака на Министерството за просвета.

Трагедијата во „Рибникар“, како и масовните убиства што се случија ден подоцна во Дубона и Мало Орашје, предизвикаа силен шок во јавноста и отворија сериозни прашања за безбедноста во училиштата, достапноста на оружје и одговорноста на институциите.

По овие настани, во Србија започнаа масовни протести под слоганот „Србија против насилството“, на кои илјадници граѓани бараа системски промени и одговорност.

Во меѓувреме, против родителите на малолетниот сторител се води повторена судска постапка, откако Апелацискиот суд во Белград ја укина најголем дел од првостепената пресуда и наложи ново судење. Таткото претходно беше осуден на 14 и пол години затвор, а мајката на три години, поради пропусти поврзани со чување на оружјето и грижа за малолетникот.


Слично

Поврзани вести