Трговскиот дефицит проблем за трговијата-повеќе увeзуваме од што извезуваме
Еден од најголемите проблеми на македонската економија е високиот трговски дефицит. Редовните минусни салда во надворешно-трговската размена во изминативе децении не се проблем само на Македонија, туку на сите земји што произлегоа од поранешна Југославија, освен Словенија, која, пак, е единствена што повремено бележи позитивни бројки во надворешната трговија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит во периодот од јануари до октомври 2015 година изнесува 3.345.588.000 еврашто претставува пораст во последните три месеци кога во август бројките беа 1,1 милијарди евра.
Вкупната вредност на извозот на стоки во Македонија во тој период е 3.345.588.000 евра, а вкупната вредност на увозот е 4.716.335.000 евра.
Тоа значи дека покриеноста на извозот и увозот во периодот јануари-јуни била 70,1 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови,производите од железо и челик (валани производи) додека во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Професорот на „Американ колеџ“, Марјан Петрески, неодамна за Фактор изјави дека трговскит дефицит во Македонија е структурна појава и бара реални решенија.
Од една страна ние сме многу увозно зависни, а од друга страна, не создаваме доволно висока додадена вредност кој би можеле да ја извезуваме и со тоа да го покриеме големиот трговски дефицит – потенцира Петрески.
Според него, извозот може да биде поголем само ако е поконкурентен, а ќе биде поконкурентен ако извозниците се во постојана потрага по зголемување на додадената вредност на производите што ги произведуваат и извезуваат.
Но и парите што дијаспората ги испраќа во Македонија се клучни за платнобилансната нерамнотежа.
- Со оглед дека дознаките затвораат 90 отсто од трговскиот дефицит, тие се клучни за макроекономската стабилност на земјата. Доколку ги нема, финансирањето на трговскиот дефицит ќе биде голем проблем – истакнува професорот.
Петрески додава дека дефицитот може да се намали само на долг рок, првенствено преку подобрување на конкурентноста на економијата за што се потребни поинтензивни структурни реформи, како и преку подигање на додадената вредност на производите, за што се потребни инвестиции и иновации.
