Трговски спор: ЕК упати остра критика кон Приштина
Европската комисија упати остра критика кон Приштина по неколкудневно чекање за да се види дали Косово и земјите од регионот ќе успеат да ги надминат разликите во трговскиот спор.
Првично ЕК ја поздрави одлуката на косовоските власти за укинување на заштитните мерки за увоз на овошје и на зеленчук кои доаѓаат од ЕУ, но постои загриженост околу фактот дека мерките кон земјите од регионот се уште се во сила.
Косово пред недела дена ги зголеми царините за увозот на овошјето и зеленчукот, предизвикувајќи голема загриженост кај земјоделците од регионот. Иако македонските власти во повеќе наврати се обидоа да ги разубедат Косовците, сепак не успејаа да постигнат договор.
„Жалиме што заштитните мерки остануваат на сила за другите земји, вклучително регионалните партнери до ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка. Затоа, ЕК итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одлагање, особено со оглед на тоа дека Косово моментално претседава со ЦЕФТА“, се наведува во реакцијата на ЕК.
