ТРГОВСКА ВОЈНА КОЈА ЌЕ ГО ПОТРЕСЕ СВЕТОТ: Кина реагира на царините за електрични возила со истрага за млечните производи од ЕУ
Кина започна истрага за увезени европски млечни производи, пишува „Фајненшл тајмс“.
Истрагата дојде откако Европската комисија објави серија дополнителни давачки за увоз на кинески електрични возила.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека истрагата за увозот на млечни производи од ЕУ е поттикната од жалбите на домашните производители за европските субвенции.
Во соопштението се наведува дека истрагата ќе опфати „одредени производи“, вклучително и креми и сирења, пренесува „Новости.рс“.
Порталот наведува дека ова е најсилниот одговор на Пекинг на тарифите за електрични возила од Брисел. Кина веќе отвори антидампинг истраги за францускиот коњак и свинското месо од ЕУ и поднесе жалба до Светската трговска организација.
Европската комисија објави дека Брисел „ја забележал“ одлуката на Кина да започне истрага за одредени млечни производи и соопшти дека „многу внимателно ќе ја анализира постапката“.
Европскиот извоз на млечни производи во Кина беше проценет на околу 1,8 милијарди евра минатата година, што е намалување од 2 милијарди евра претходната година, според трговските податоци од Европската комисија, и претставуваше околу 9,5 отсто од вкупниот извоз на млеко во ЕУ.
Претставници на кинеската млечна индустрија известуваат дека увозот на млечни производи од ЕУ има корист од вкупно 20 програми за субвенционирање. Германија е најголемиот производител на млеко, путер и сирење во блокот, а потоа следи Франција.
