Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трговец од Кичево остана без лиценца откако продаде гориво за затоплување од 20 милиони евра

Трговец од Кичево остана без лиценца откако продаде гориво за затоплување од 20 милиони евра

„Евротим ГДС“, која ланската година беше посочена како компанија која продава увезено отпадно масло наместо мазут за големи индустриски капацитети и државни институции, ја загуби лиценцата за работа. Регулаторна комисија за енергетика како причина го наведува тоа што увозникот на горива повеќе нема договор за складирање. Барањето за престанок на дозволата било на барање на операторот.

„Со оваа одлука престанува да важи Одлуката за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност трговија на големо со сурова нафта,нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со Мазут (М-1), ("Службен весник на Република Македонија" бр.185/17 и "Службен весник на Република Северна Македонија бр.258/21), издадена на Друштвото за производство, промет и услуги ЕВРОТИМ ГДС увоз-извоз ДООЕЛ Кичево, по барање на носителот на лиценцата“, наведува РКЕ.

Во разгледувањето на одлуката пред почетокот на декември, се вели дека трговецот од Кичево тоа го образложил со  раскинување на договорот за закуп на складишен простор со што престанал да ги исполнува условите за вршење на дејност.

Државниот пазарен инспекторат во 2021 соопшти дека со 10.000 евра ќе ја казни кичевската фирма “Евротим ГДС”, а со дополнителни 3.000 евра нејзиниот сопственик Гоце Стефановски за несоодветниот „мазут“. Претходно медиуми информираа дека компанијата со шест вработени во 2019 и 2020 остварила вкупен приход од преку 20 милиони евра, а добивката била нешто помалку од половина милион евра.

Инспекторатот лани при анализата на земените дополнителни мостри од складот за мазут во Ресен утврди дека параметрите излегуваат надвор од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430. Поради констатираните отстапувања на квалитетот на производот, од страна на ДПИ е донесено решение за забрана за промет на производот мазут кој е затекнат во складот на економскиот оператор „ЕВРОТИМ ДООЕЛ Кичево".

ДПИ уште при првичните контроли на компанијата „Евротим ДООЕЛ Кичево " и изрече Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут, затоа што тогаш кај две цистерни на компанијата, беа утврдени отстапки од граничните вредности на мазутот, што оваа компанија го увезува.

А.К.


Слично

Поврзани вести