Економија, финансии, бизнис

Контакт

ТРГОВЦИТЕ СО ГОРИВА ТРИЈАТ РАЦЕ: Се враќа преткризната профитна маржа

ТРГОВЦИТЕ СО ГОРИВА ТРИЈАТ РАЦЕ: Се враќа преткризната профитна маржа

Трговците со горива ќе добиваат екстра половина денар како профитна маржа за секој литар бензин и дизел од следната недела. Податоците добиени од Царинската управа и од самите трговци на големо покажувале дека вредностите кај одредени параметри се промениле на пазарот со нафта и нафтени деривати. 

Одлуката што Регулаторна комисија за енергетика ја подготвува да ја донесе денес ќе стапи на сила од 30 октомври, а профитната маржа за трговците од секој литар еуросупер 95, еуросупер 98, еуродизел и екстра лесно масло за горење ќе биде 4,5, наместо досегашните 4 денари.

„Регулаторна комисија за енергетика одлучи со оваа Одлука трговската маржа да ја врати на исто ниво, како што беше утврдена пред енергетската криза во износ од 4,50 MKD/l за сите нафтени деривати, освен за Мазутот во износ од 2,50 MKD/kg. Овој износ на трговската маржа ќе им обезбеди на нафтените компании доволно висока основна цена на нафтените деривати (цена без давачките кон државата) за покривање на трошоците во нивното работење, и остварување на позитивни финансиски резултати“, заклучено е во одлуката на РКЕ.

Во подоцнежниот став што го испрати Комисијата се додава дека ваквата одлука нема да влијае на крајната цена за потрошувачите затопа што истовремено им се намалуваат транспортните трошоци на трговците.

„Во новата Одлука за определување на ескалираната густина rе  и деескалираната густина rd, на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висина на надоместокот P за премија, транспортните   трошоци Т до склад во Република Северна Македонија и висината на надоместокот D за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи РКЕ за 12 % ги намалува транспортните трошоци на нафтените компании  (од 25$/тон на 22$/тон) согласно направените анализи од податоците од Царинската управа кои укажуваа дека овој надоместок во последните шест месеци е намален, додека трговската маржа РКЕ ја враќа на исто ниво пред енергетската криза во износ од 4,50 ден/л  што претставува корекција за 0,50 денари- со што практично РКЕ смета дека овие промени нема да влијаат врз крајната цена на нафтените деривати со што цените ќе останат стабилни и најниски во регионот“, додаваат од таму.

Комисијата во екот на големото поскапување на горивата на почетокот на минатата година го промени Правилникот за формирање на цени, според кој трговската маржа за бензините и за дизелот беше намалена за 33 проценти, и наместо 4,5 денари, изнесуваше 3 денари за еден литар. 

Мерката беше донесена како привремена се до носење на законите за намалување на ДДВ-то и за акцизите за горивата, а во текот на годината маржата се зголеми на 4 денари. Во јуни 2022 додека се продаваа горива со историски највисоки цени, Владата не ги продолжи мерките за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти и ја врати старата методологија за пресметка на акцизата.

И покрај намалената профитна маржа, трговците минатата година остварија големи добивки во земјата. Над 2,5 милијарди евра плативме за дизели, бензин, автоплин и мазут во 2022 година. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека минатата година Македонија конзумирала 841.000 тони дизел горива, 120.000 тони бензини и речиси 220.000 тони мазут.

А.К.

Слично

Поврзани вести