Трета жртва на грипот годинава
Седумдесет и четиригодишна жена од Скопје е третата жртва на грипот од тип А која почина на Клиниката за инфективни болести оваа сезона.
Пациентката добила третман со тамифлу, но бил неуспешен поради тешката здравствена состојба во која се наоѓала, дополнително компликувана од други хронични болести на белите дробови, хипертензија и бубрежна слабост.
Во моментов на Одделот за интензивна нега на Инфективната клиника има шест паценти со компликации на грип, од кои еден е на механичка вентилација. Инаку на клиниката има вкупно околу 100-тина пациенти со вирус на грип.
Во последните неколку дена лекарите регистрираат повеќе потешки случаи на грип со компликации. Од почетокот на сезонава бројот на заболени од грип е 7.778, што е 37,3% повеќе од истиот период лани, а во однос на 10-годишниот просек е за 18,5% повеќе. Најмногу заболени има во јануари - 6.801.
Слично
