Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студентските домови како излезени од филм на Кустурица, а тепачка за легло ќе има и на трет конкурс!

Студентските домови како излезени од филм на Кустурица, а тепачка за легло ќе има и на трет конкурс!
Ќе има и трет конкурс за прием во студентските домови. Дали и овој пат некој лажирал за да стигне до студентско легло? Ќе има и трет конкурс за прием во државните студентски домови. Информацијата за Фактор ја потврдуваат извори од Министерството за образование и наука, но сеуште не откриваат колку слободни места се на располагање за идните станари во домовите. Оваа досега незабележана пракса преку повеќе конкурси да се аплицира за легло во студентските домови, доаѓа откако на првиот конкурс се открија скандалозни неправилности. Тогаш богаташи со лажни податоци сакаа да стигнат до студентска соба. Неизвесно е дали и на вториот конкурс кој заврши пред десетина дена, имало повторен обид со лаги да се дојде до слободно место во некој од домовите. Студентите кои аплицираат за соба во домовите мораат да пополнат електронска пријава во која треба да се наведат податоци за местото на живеење, просекот, вклучувајќи ја и висината на примањата и приходите во семејството. Какви се условите во студентските домови? Најголем интересот и годинава се студентските домови во Скопје, во кои за едно легло конкурираат и по неколку студенти. Студентскиот дом Гоце Делчев, некогаш најрепрезентативно живеалиште за студентите, сега според зборовите на дел од неговите станари е во очајна состојба. "Пред се санитарните чворови, кои не го исполнуваат ниту најосновниот хигиенски минимум. Во овој студентски дом бев сместена лани и секоја шанса ја користев да си отидам дома" -вели студентка по економија од Радовиш. "Во собата сме сместени две цимерки, тоалетите имаа тушеви, за воља на вистината повеќе се со ладна отколку со топла вода, по некое искршено лавабо, знае да снема струја во ходниците, неколку пати лифтот заглави,со ќебиња на прозорите се спасуваме од промаја, ама тоа е тоа, што да ви кажам, кога немаме за стан и ова е добро"-вели студентката од домот Гоце Делчев. Најсреќни се, додава, оние кои ќе добијат соба во блокот Г- " таму е подобро!" Слична е состојбата и во студентскиот дом Невена Георгиева -Дуња или популарно Медицинар. На неколку метри од државната болница, ова место според неговите станари не е достојно за живот на млади луѓе. Студентите се жалат на малите соби, на прозорците што не се отвораат, па велат дека на зима им е студено, а на лето премногу топло. Но, сепак се плашат и за тие десетина квадратни метри во кои треба да го поминат школувањето. Не сакаат јавно да зборуваат, но и не мораат. Таму сликата сама кажува се. Пристојни услови според студентите нудат студентскиот дом „Пелагонија“, кој не спаѓа под надлежност на Државниот студентски центар и кој до пред неколку години беше хотел и студентскиот дом „Стив Наумов“, каде што дел од студентите од руинираните дрвени бараки се преселија во две нови "машки"згради. Што ги прави собите во студентските домови атрактивни за студентите? И покрај дисперзираните студии во повеќето градови низ земјава, Скопје останува најатрактивен за студентите од внатрешноста. За едно место во студентските домови конкурираат и по неколку студенти. Бројот на слободни места и висината на цената на сместувањето, во кое е вклучена и храната, ги привлекува студентите кои сакаат "со поефтино" да го поминат студирањето. Од Државниот студентски центар -Скопје велат дека вкупно располагаат со 3438 легла распоредени во домовите: Гоце Делчев 1324 КЈПиту 496 Стив Наумов зг.1 2 620 Стив Наумов зг.3 647 Нас.НГДуња 351 "Цената којашто ја плаќаат студентите се движи од 3000 до 3640 денари на месечно ниво ( зависно од студентскиот дом и бројот на легла во собата), а добиваат сместување и исхрана.Министерството за образование и наука финансира половина од трошоците"-велат од ДСЦ. Според студентите, во Македонија сеуште нема студентски дом кој би го понел епитетот "дом за идни академски граѓани". Додека нивните колеги од регионот во своите соби имаат интернет, телевизија, дополнителни простории за рекреација и спортски терени, овдешните студенти сеуште се радуваат на некој од блоковите во студентските домови, во кои барем се задоволени минималните услови за студентски живот. Многумина од нив за да си го разубават просторот во кој ќе живеат десет месеци, честопати и од свој џеб даваат пари за бојосување на собите и дополнителен инвентар. "Условите во студентските домови се сеуште на незавидно ниво. Деценискиот проблем го зголемува интересот на надлежните институции. Имено, најавена е реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, до крајот на годината треба да се пуштат во употреба и новите бараки на домот Стив Наумов. Очекуваме дека конечно по долгогодишните најавувања ќе се стави крај и на хорор филмот наречен Медицинар"- вели за Фактор, претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј- Кирил Спироски. "СПУКИМ е целосно распространет на терен и сме информирани за случувањата. Веќе од наредната недела на седница на парламентот ќе ја предложиме три члената комисија која ќе ги следи состојбите по студентските домови и можните малверзации, како од страна на студентите, така и од страна на домската управа и надлежните институции.Оваа комисија ќе биде формирана од наши колеги кои целосно го разбираат проблемот и животот на студентите, и ќе води институционална борбасо надлежните и одговорните за транспарентна постапка и подобри услови за живот на студентите" -вели Спировски Според најавите на надлежните студентскиот дом Медицинар треба да се изгради до крајот на 2014 година на местото на старите бараки, а во него е предвидено да има 450 легла.Условите за живот, признаваат и надлежните во овој студентски дом се најлоши. Дел поради староста на бараките а дел и поради децениското неодржување на истиот. "Предвидено е реновинарање на Невена Георгиева-Дуња или популарно Медицинар кадешто веќе е изготвен проектот кој треба финално да биде одобрен и и врз основа на истиот да се започне со подготовка на изработка на планот за градење на студентскиот дом. Работата ќе се одвива во четири фази, бидејќи е предвидено да се градата четири блока кои ќе бидат во рамки на тој студентски дом"-вели министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Тој додава, дека реновирањето на блокот Б во студентскиот дом Гоце Делчев на еден начин е условено со завршувањето на објектот во студентскиот дом Стив Наумов, кадешто се завршени сите градежни работи, меѓутоа поради извесни непредвидени состојби во делот на квалитетот на земјиштето се доцни со проектот. "Тие се веќе санирани. Очекувам во наредниот период таа зграда да се стави комплетно во функција и во тој момент да се префрлат студентите од Гоце Делчев во Стив Наумов, за да може да се започне со реновирање на студентскиот дом Гоце Делчев. Не треба да се лицитира со денови и недели треба квалитетно да се изработи целиот проект да се стартува со работите- додава ресорниот министер. Од вкупно 6.369 места во студентските домови со првиот конкурс се пополнија 2.147. На вториот конкурс останаа слободни уште 6.369, а сеуште не се знае колку слободни кревети ќе има за третата шанса. Од министерството за образование и наука, годинава и објавија војна на студентската мафија која години наназад правеше зделки на сметка на студентите. Јавна тајна беше дека се продаваа и купуваа соби, а во "најубавите" соби беа сместувани партиски послушници, или се, само не студенти кои го заслужуваат тоа место- реагираат дел од студентите. Според најавите на надлежното министерство , оваа академска година во студентски кревет ќе легнат "вистинските" студенти, па и ако тоа би значело објавување на повеќе конкурси, се додека не се пополни и последното слободно место во студентските домови. С.Б.
Слично

Поврзани вести