Трендафилов: Заштитните друштва девет месеци не добиле поврат на придонеси, отпуштаат вработени со попреченост
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија алармира дека работници од фирми што се регистрирани како заштитни друштва ги губат своите работни места во тектилната индустрија затоа што нивните работодавачи девет месеци не го добиваат повратот на придонесите од државата.
„Заштитните трговски друштва кои вработуваат лица со попреченост веќе девет месеци не добиваат поврат на придонесите, иако ова е законска обврска на државата, а што ги става во опасност работните места, работниците и нивните семејства.
Според информациите, последниот поврат на придонеси е извршен во септември 2024 година, а од тогаш до денес немаат добиено ништо.
Загрижува тоа што Компаниите кои обезбедија вработување за лица со попреченост – денес отпуштаат работници или затвораат, поради тоа што државата не си ја исполнува својата обврска.
Чекањето на ребаланс на буџет не смее да биде оправдување за загубените работни места, особено поради фактот што работниците тешко ќе најдат нова работа во нови Заштитни друштва !
Иако е донесена Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година, средства за оваа намена не се префрлени.
Не смее да се дозволи злоупотреба на работниците ниту од несовесни работодавачи од Заштитни трговски друштва ниту пак од институциите на системот кои треба да водат посебна грижа за оваа ранлива категорија на работници !“, реферира претседателот на ССМ.
Слично
