Трендафилов на првомајскиот протест: Работници не се враќаат дома и никој ништо не презема
Протестот започна пред Работничкиот дом во Скопје. Голем број работници, синдикалци и граѓани се собраа со барања за повисоки плати, подобри услови за работа и поголема заштита на работничките права. Протестниот марш продолжи кон Владата на Република Македонија, каде демонстрантите ги испратија своите пораки до институциите.
Низ толпата се истакнуваа бројни транспаренти со силни пораки: „За плата се бориме, не се молиме“, „Работниците го хранат капитализмот – тие ќе го срушат“, „Долу капиталот, ослободување на трудот“ и „Власта – слуга на капиталот“.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на почетокот на маршот рече дека за жал имаме квази синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира, кои сметаат дека 1 мај е за луксуз во скап хотел на скапа конференција.
„За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“ , кажа Трендафилов.
На крајот од обраќањето на протестот, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, им порача на сите работници кои денес се на работа дека нивниот труд на Први мај треба да биде платен 250 проценти, нагласувајќи дека, доколку тоа не се испочитува, да се обратат до Сојузот на синдикатите на Македонија.
